Филмот „Домаќинство за почетници“ на Столевски ја доби главната награда на фестивал во Тромсо, Норвешка

Филмот „Домаќинство за почетници“ на режисерот Горан Столевски ја освои главната награда „Аурора“ на Меѓународниот филмски фестивал во норвешкиот град Тромсо.

Фестивалот се одржуваше од 15 до 21 јануари. На Столевски му беше доделена и награда од 5.000 евра.

„Домаќинство за почетници“ е третиот долгометражен филм на Столевски. Својата светска премиера ја имаше на 80. издание на филмскиот фестивал во Венеција, каде ја доби 17. Queer Lion награда, во конкуренција од 16 филмови, меѓу кои и филмовите на Dog Man на Лук Бесон и Maestro на Бредли Купер. Во Македонија првпат беше прикажан на отворањето на 44. издание на Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола.

Главните улоги во филмот ги толкуваат: Анамариа Маринка (позната по филмот „4 месеци 3 недели 2 дена“ (2007) на Кристиан Мунгиу) и Алина Сербан од Романија, Владимир Тинтор од Хрватска, Самсон Селим, Миа Мустафа и Џада Селим од Македонија.

„Домаќинство за почетници“ беше годинешниот македонски кандидат за „Оскар“ за наградата за најдобар долгометражен интернационален филм.