Македонските филмови „Домаќинство за почетници“ и „21 ден до крајот на светот“ денес со светска премиера во Венеција

Новиот филм на Горан Столевски, „Домаќинство за почетници“ својата светска премиера денес ќе ја има на Филмскиот фестивал во Венеција, како дел од програмата „Хоризонти“ во конкуренција за наградите за најдобар филм, најдобра режија, најдобро сценарио, специјална награда од жирито и најдобра машка и женска улога.

Филмот, како што се вели во описот, ги истражува универзалните вредности во семејството во кое сме родени и во кое се наоѓаме.

„Отсекогаш ме привлекувале моменти кои се ‘пронајдени’ или ‘откриени’, наспроти оние кои се ‘исценирани’. Голем дел од моето филмско творештво од неопходност се базира на лимитирани буџети и филмски екипи. Ја прифатив оваа реалност со што развив ‘veritѐ’ стил што сега е важен сегмент од мојата работа. Верувам во работење со она што е таму, наместо да сум против тоа – ги ценам средствата со кои располагам и околу нив ја градам највозбудливата приказна што може да се замисли. Мојот пристап со ‘Домаќинство за почетници’, како и со ‘Нема да си сама’ и ‘Доволно возрасни’ и многу кратки филмови е да креирам средина што е вистинска и речиси независна од приказната што ја раскажува филмот. Тоа често вклучува снимање на вистински локации, вообичаено без ознаки дека се снима и без проби, туку охрабрување на импровизација и лична конекција меѓу актерите, грижејќи се да се создаде безбедна и емотивно негувана атмосфера на и зад екранот за да може креативноста да цвета“, изјави Столевски.

Во филмот играат Анамариа Марника, Алина Сербан, Самсон Селим, Сара Климоска, Владимир Тинтор Миа Мустава, Ајше Усеини, Џада Селим, Розафа Целај и многу други. Кинематорграфер е Наум Доксевски, а филмот е во македонска продукција на „Лист продукција“ и копродукција со неколку други европски продукциски куќи, а ќе биде дистрибуиран од „Фокус Фичрс“ и „Универзал пикчрс“.

„Домаќинство за почетници“ ќе се прикаже денес во 17 часот, а својата прва реприза ќе ја има утре во 15:30 часот. Премиерната проекција на филмот во Македонија ќе биде на 23 септември со што ќе го отвори годинешното издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.

На денешниот репертоар во Венеција својата светската премиера ќе ја има и краткиот експериментален  филм „21 ден до крајот на светот“ на режисерката Теона Стругар Митевска како дел од програмата „Денови на авторите“.

„Да се поместуваат граници и да се излезе од удобна зона – тоа е најголемиот предизвик за секој уметник. Станува збор за филм кој го работев за да ја надминам фрустрација додека чекам. За луѓето што се во филмската уметност, ова го разбираат. Ние синеастите го поминуваме животот чекајќи за проект да биде одобрен, да биде финансиран, продаден, да го примат на фестивал, да биде номиниран и сл. Па, одлучив да престанам да чекам и да го почнам филмот што никогаш не завршува, а ’21 ден до крајот на светот’ е првиот во редицата филмови што не завршуваат“, изјави Стругар Митевска.

„21 ден до крајот на светот“ / фото: Агенција за филм

Нејзиниот долгометражен филм „Најсреќниот човек на светот“ беше ланскиот македонски кандидат за Оскар.

„21 ден до крајот на светот“ ќе игра денес во 11 часот. Продуцент на филмот е Лабина Митевска, а кинематографијата и монтажата се на Теона Стругар Митевска.

80. издание на Филмскиот фестивал во Венеција започна на 30 август и ќе трае до 9 септември кога и ќе се соопштат годинешните добитници на наградите.