“Дедо и Внук” освои „романски оскар“ за најдобра фотографија

Директорот на фотографија за играниот филм „Дедо и Внук“, Патру Паунеску, ја освои наградата за најдобра фотографија на игран филм на филмските награди „Гопо“ во Романија кои ги доделува Романската асоцијација на кинематографи.

“Признание за сработеното од нас и целиот тим од Македонија, кој направи сензационална работа и радост што луѓето можат да видат колку е убав градот во кој снимавме, имено Охрид. Ми беше чест и задоволство да работам на овој филм. Одлични услови и феноменлна екипа. Го сакам Охрид, ја сакам Македонија”, изјави Паунеску по доделување на наградите за филмот кој е во македонско-романска копродукција.

По шест вредни награди на фестивали шурум светот, ова е седма награда за „Дедо и внук“. Филмот неодамна беше прогласен за најдобар странски филм на „Independent Film Awards“ во Лондон.

“Направивме добар филм. Филм, со приказна која никого не го остава рамнодушен. Се радувам на сите награди и признанија. Ме прават горд и ме мотивираат и ми даваат поттик за уште подобар да бидам во иднина. Учев во добра школа, Филмската академија во Букурешт, Романија, која ми даде знаење и занает да го прикажам најдоброто. Да бидам достоен, културен амбасадор на Македонија. Филмовите се скапа уметност, но неопходни за културата на еден народ. Се надевам дека национална поддршка ќе биде поголема во иднина”, вели режисерот на филмот Илија Пиперкоски.

Пиперкоски, кој го напиша и сценариото за филмот, раскажува приказна, со која сите гледачи ќе можат длабоко да се идентификуваат – проблемите со здравството, политиката, корупцијата, но и обичните човечки приказни и односи момче-девојка, татко-син и дедо-внук.

Во филмот играат: Салаетин Билал, Дејан Лилиќ, Даниела Ивановска, Горан Стојаноски, Благој Веселинов и други актери. Продуцент е Огнен Антов од „Дрим фактори“, во соработка со: „Пандорас бокс продукција“ и „Елиен филм“, и е финансиски помогнат од Агенцијата за филм.

Директор на фотографија е романецот Патру Паунеску, сценографијата е на Владимир Зафирковски, костимограф е Жаклина Крстевска, композитор Оливер Тевчев, а монтажата ја направи Данчо Стефков.