„Скејтањето не е за девојчиња“ на Дина Дума освои две награди на Сараевскиот филмски фестивал

Најновиот филм во подготовка „Скејтањето не е за девојчиња“ на режисерката Дина Дума освои две награди за развој во програмата „Синелинк“ на Сараевскиот филмски фестивал, соопшти Агенцијата за филм.

Филмот, кој е во продукција на „Сестри и брат Митевски“ ги освои наградите „Синелинк“ на Филмскиот центар на Србија и „Женски гласови“ на Словенскиот филмски центар, и двете во вредност од по 10.000 евра.

„Огромно е признанието кое пристигнува од Сараево, од најзначајниот регионален копродукциски маркет, бидејќи ‘Скејтањето не е за девојчиња’ беше во конкуренција за награди со 46 филмски проекти во развој во конкуренција, а го препознаа две жирија, меѓународни, составени од признаени филмски дејци независни едно од друго. Овој проект на Дина Дума веќе од почетокот предизвикува големо внимание во меѓународните филмски кругови. Да споменеме дека беше селектиран и како еден од  шест филма во најпрестижната програма за развој на Канскиот филмски фестивал 2022, Резиденс на Кан, во ателјето на Канската Синефондасион, со престој во Франција, Париз и Кан, од март до јули годинава“, велат од Агенцијата за филм.

Сараевскиот филмски фестивал се затвора вечерва со најновиот филм на Пјер Жалица, „Празник на Трудот“, каде продукцијата „Сестри и брат Митевски“ се појавува како македонски копродуцент.