Фејсбук вработува 10 илјади луѓе во Европа за создавање метаверзум

Фејсбук планира да вработи 10.000 луѓе во Европската Унија кои ќе треба да ги развиваат таканаречениот метаверзум.

Метаверзум е онлајн свет каде луѓето можат да гејмаат, работат и комуницираат во виртуелно окружување, најчесто преку користење на очила за виртуелна реалност.

Предводник на овој концепт е директорот и сопственик на Фејсбук, Марк Закерберг, а метаверзумот е еден од најголемите приоритети на компанијата, пишува Би-Би-Си.

Оваа објава доаѓа во моменти кога Фејсбук се соочува со големи проблеми по скандалите кои се случија изминатиов период, како и зголемениот број повици за регулирање на социјалниот медиум и намалување на неговото влијание.

„Метаверзумот има потенцијал да го отклучи пристапот до нови креативни, социјални и економски можности. Европјаните ќе го обликуваат од самиот старт“, напишаа од Фејсбук на нивниот блог.

Новите работни места кои ќе бидат создадени за овој проект во следните пет години вклучуваат „високо специјализирани инженери“.

Од Фејсбук посочуваат дека инвестирањето во ЕУ нуди голем број предности, меѓу кои и пристапот до голем потрошувачки пазар, првокласни универзитети и квалитетен талент.

И покрај историјата на купување на конкурентски компании, Фејсбук сега вели дека метаверзумот „нема да биде направен преку ноќ од една компанија“, ветувајќи соработка. Тие последниов период инвестираа 50 милиони долари во непрофитни организации кои треба да помогнат за „одговорно создавање на метаверзумот“. Сепак, ти сметаат дека за вистинска реализација на метаверзумот ќе бидат потребни уште дополнителни 10 до 15 години.