„Евротим“ доби казна од 10.000 евра за увоз на неквалитетен мазут

Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) соопшти дека „Евротим ГДС“ од Кичево ќе биде казнета со 10.000 евра, а одговорното лице ќе треба да плати 3.000 евра, поради отстапки во квалитетот на мазутот кој го увезувала компанијата.

„При првите примероци од земени мостри од складот за „мазут“ во Ресен во сопственост на оваа компанија, ДПИ констатираше дека параметрите вода и седименти и содржина на пепел, се повисоки од граничните вредности пропишани со стандардот МКС Б.Х2.430. Врз основа на ова, ДПИ спроведе постапка на порамнување и издавање на прекршочни платни налози во износ од 10.000 евра за правното лице и 3.000 евра за одговорното лице. Истовремено донесено е Решение со кое на правниот субјект му е наредено да ги отстрани несообразностите кај испитуваниот производ „мазут“ и определен е рок од 15 дена за постапување по наредбата“, соопштија од Инспекторатот.

Компанијата претходно, при првичните контроли, доби времена забрана за пуштање во промет на мазут.

Контролите врз процесот на увоз и продажба на мазут се интензивираа по излегувањето на видео-сторијата на ИРЛ која предизвика големи реакции во јавноста. Во видеото новинарите дојдоја до сознание дека опасно масло, кое во Европската Унија е забрането во урбани средини, во земјава завршувало како мазут кој се користел од бројни државни институции за греење, но и од приватни компании.