Активистите бараат построга контрола за загадувањето со мазут на Топланата „Скопје Север“

Топланата „Скопје Север“ веќе неколку денови работи и на мазут, што значително повеќе го загадува воздухот отколку кога работи на гас.

Активистите од О2 Иницијативата посочуваат дека Б интегрираната еколошка дозвола издадена на „Скопје Север“ го дозволува користењето на мазут како алтернативно гориво но под одредени услови како: наведување на причините поради кои се менува погонското гориво од гас на мазут, вршење на мерење на емисиите при стартување, неколку пати дневно мерење на чадниот број, кој треба да биде помал од 1, емисиите да не содржат видлив чад, како и доставување спецификација за квалитетот и количината на горивото.

Од иницијативата велат дека досега од Град Скопје нема информации дека нешто од овие услови се направени.

„Го повикуваме Инспекторатот на Град Скопје да извршат инспекција и извршат мерења на емисиите во воздух, а Државен пазарен инспекторат со државната мобилна лабораторија за испитување на квалитетот на течните горива да го провери квалитетот на мазутот. Потребно е да се направат сите можни чекори за да се избегне користење на мазутот, едно од најнечистите горива кое во комбинација со лоши процеси на согорување е еден од најопасните извори на аерозагадувањето“, посочуваат од О2 Иницијатива.

Оттаму на социјалните мрежи објавија и табели на кои се гледа дека дозволеното загадувањето со цврсти честички при користење на гас е максимално 5 mg/Nm3, додека со мазут максимално дозволеното загадување е 100 mg/Nm3.