Исланд ја отвори најголемата машина која го собира јаглерод диоксидот од воздухот

Започна со работа најголемата фабрика во светот дизајнирана да го собира јаглерод диоксидот од воздухот и да го сместува под земја претворајќи го во карпа, соопштија компаниите што стојат зад проектот.

Фабриката, наречена „Орка“ по исландскиот збор што значи „енергија“, се состои од четири единици, секоја составена од две метални кутии кои личат на контејнери.

Изградена од швајцарската „Клајмворкс“ и исландската „Карбфикс“ фабриката треба да извлекува 4.000 тони јаглерод диоксид од воздухот секоја година.

Според американската агенција за заштита на животната средина, тоа е еднакво на емисијата на штетни гасови од околу 870 автомобили. Изградба на „Орка “ чини помеѓу 10 и 15 милиони американски долари, објави Блумберг.

Фото: Carbfix.com

За да собере јаглерод диоксидод (CO2), фабриката користи вентилатори кои го собираат воздухот во колектор со внатрешен филтер. Откако материјалот за филтрирање ќе се наполни, колекторот се затвора и се загрева за да се ослободи CO2 од материјалот, по што овој гас може да се собере. Добиениот CO2 потоа се меша со вода и се вбризгува на длабочина од 1.000 метри во базалтна карпа каде што се минерализира.

Застапниците на таканареченото зафаќање и складирање на јаглерод мислат дека овие технологии можат да станат главна алатка во борбата против климатските промени. Критичарите, пак, тврдат дека технологијата и понатаму е многу скапа и може да требаат и децении за да функционира на пошироко ниво.