Европските вредности во фокусот на Меѓународната младинска конференција во Крушево

Шеесет активни млади лидери, од 16 европски земји ќе бидат дел од Меѓународната младинска конференција “European Values for the Future of the SEE Region”, која ќе се одржи од 15-ти до 19-ти септември во Крушево.

Конференцијата се одржува по јубилеен 15-ти пат и е во организација на Младински Сојуз – Крушево.

Млади од Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Франција, Грција, Германија, Косово, Црна Гора, Италија, Полска, Романија, Србија, Словенија и Турција ќе дискутираат за тоа како младите лидери можат да го поддржат процесот на евроатланска интеграција на Југоисточна Европа.

Во склоп на конференцијата предвидени се пет сесии кои ќе ги покријат темите : иднината на регионот во фокусот, младите и носењето на одлуки, човекови права – инклузивност и диверзитет, образование во акција и одржливи идеи.

„На овие теми ќе слушнеме обраќања на еминентни експерти од земјата и Европа, а по сесиите учесниците ќе имаат можност да учествуваат во интерактивни работилници Конференцијата ќе резултира со препораки и акции за промоција на европските вредности кои преку младите ќе бидат пренесени во регионот“, порачуваат организаторите, кои очекуваат четири интензивни и инспиративни денови кои ќе резултираат со конкретни мерки и препораки.