Европската Унија губи околу еден милион работоспособни жители годишно поради стареењето на населението

Комесарката за внатрешни работи на Европската унија, Илва Јохансон, изјави дека земјите-членки на Европската Унија ќе мора да се соочат со тешки предизвици како што старее населението на континентот, пренесува Данас.

Таа при вчерашната посета на Грција рече дека „работоспособното население во ЕУ се намалува за еден милион годишно, што значи дека легалната миграција треба да се зголемува за речиси еден милион годишно“.

Јохансон посочи дека има итна потреба да се запре илегалната миграција и да се најдат легитимни алтернативи.

Европската комисија се обидува да изврши ревизија на правилата за миграција низ ЕУ пред крајот на нејзиниот мандат и изборите за Европскиот парламент во јуни, а прелиминарен договор беше постигнат минатиот месец.

Според проекциите направени од агенцијата за статистика на ЕУ, Евростат, уделот на населението постаро од 65 отсто ќе се зголеми од 21.1 отсто во 2022 година на 31.3 отсто до крајот на овој век.

Иако загриженоста за миграцијата ја зајакна поддршката за екстремно десничарските и анти-ЕУ партии во многу европски земји, Јохансон тврди дека „предизвикувањето ксенофобија и расизам“ е генерирано од илегалната миграција.