Европа се соочува со најголемата епидемија на птичји грип

Повеќе од една година Европа ја доживува најголемата епидемија на птичји грип досега забележана на нејзиното тло, објавија денеска европските здравствени власти, додавајќи дека 50 милиони птици се убиени во заразените фарми.

„Од октомври 2021 година до септември 2022 година, Европа беше погодена од најголемата епидемија на високо патоген птичји грип“, се наведува во извештајот на Европската управа за безбедност на храната, Европскиот центар за превенција и контрола на болести и Референтната лабораторија на Европската унија.

Во извештајот се додава дека 37 европски земји се погодени од вирусот и дека се откриени 2.500 жаришта на фармите.

Се проценува дека бројот на заразени живини, кокошки, мисирки и патки е многу поголем од 50-те милиони животни убиени превентивно.

Во периодот од 10 септември до 2 декември годинава, забележани се речиси 400 жаришта на фарми во 18 европски земји. Најпогодени се Франција, Велика Британија и Унгарија.

Вирусот е откриен и кај дивите птици, особено кај водните птици, како што се патките и лебедите, а тоа веројатно придонело за ширење на птичјиот грип на фармите, се додава во извештајот.