Несогласувањата помеѓу планинарскиот спортски клуб „Бистра“ од Скопје и Федерацијата на планинарски спортови не стивнуваат. Тие започнаа откако лани, на 28 август, истече важноста на договорот кој им овозможуваше на планинарите од „Бистра“ да раководат со планинарскиот дом „Даре Џамбаз“ на Водно. По ова, следуваше повик што го распиша Федерацијата, на кој од четири пријавени клуба, победник излезе „Х2О“.
Според ПСК „Бистра“, Федерацијата донела нелегитимна одлука без кворум и без да ги прифатат нивните жалби, со што домот им бил доделен на закуп на „Х2О“ и фирмата „Милениумски Крст“.
„Иако во објавениот оглас на Федерацијата изричито се бара да учествуваат исклучиво планинарски клубови, ФПСМ го фаворизира новоформираниот клуб Х2О кој нема свои финсиски средства и доставува понуда во која пари за Домот понудува фирмата ‘Милениумски Крст’, сопственост на познат угостител од Скопје. За јавноста е важно да се напомене дека угостителот кој стои зад ‘Милениумски Крст’, а не клубот ‘Х2О’, е тој што понудил 45000 евра за Домот, а тоа го направил без никаква банкарска гаранција“, реагираат од ПСК „Бистра“.
Од Федерацијата, пак, тврдат дека целата процедура била легитимна и во согласност со законите. Основен услов бил планинарскиот дом да може да го раководи било кој клуб од земјата, а основна функција да остане планинарски дом. Аплицирале 4 клубови, од кои комисијата исклучила 2 од конкурсот поради непотполна документација и задоцнета пријава.
Од Федерацијата велат дека во договорот со ПСК „Бистра“ од 2016 година, имало одредба дека може да се продолжи по истекот, ако закуподавачот (Федерацијата) е задоволен од тековното одржување на објектот. Тие процениле дека домот бил запоставен во изминативе години, со несоодветни инсталации, паднати плафони и несоодветна хигиена.
„Јас не би сакал да пијам чај во ваков дом“, рече Јовица Угриновски, претседател на ФПСМ на денешната прес-конференција.
Тој тврди дека од ПСК „Бистра“ одбивале комуникација со Федерацијата во неколку наврати, па затоа пред три дена го презеле раководството во присуство со нотар. Ги отфрли и обвинувањата дека објектот ќе се комерцијализира.
„Да сакало претседателството тоа да го направи, немаше да распишува оглас до планинарски клубови, туку помеѓу бизнисмени. Второ, домот се уште нема ни вода ни канализација. Не поседува технички услови да биде претворен во ресторан, или хотел и планинарскиот дом припаѓа во строго заштитено подрачје, што нема можност за доградба, градба. И најважно, Федерацијата ќе му ја даде истата содржина, во малку поубаво руво и многу поголема искористеност на капацитет“, додаде Угриновски.
Од ПСК „Бистра“, пак, велат дека нивните сомнежи се оправдани.
„Како доказ постои писмена изјава од сопственикот на фирмата и дека домот ‘Даре Џамбаз’ ќе ја доживее судбината на планинарскиот дом ‘Шесте чесми’, кој беше даден на „користење“ на братот на сегашниот претседател на Федерацијата и претворен во ресторан, Домот на глувонемите (претворен во ресторан КНА), како и некогашниот планинарски дом на Матка, претворен во ресторан, кој беше исто така продаден од страна на истите луѓе од раководството на ФПСМ. Истовремено, македонското планинарство во последните десетина години се соочува со огромна загуба на објекти наменети за планинарите, а Федерацијата досега нема инвестирано во ниеден дом во РМ“, реагираат од овој клуб, додавајќи дека досега вложиле 50 000 евра сопствени средства, без финансиска помош од Федерацијата.
За упадот во „Даре Џамбаз“ што се случи пред три дена, а кој планинари го оценија како насилен чин, Живко Темелковски, претседателот на Комисијата за планинарски домови, а воедно и претходен претседател на „Бистра“, на денешната прес-конференција рече дека дека тоа било направено со присуство на нотар и претставник од МВР. Претставници на Федерацијата и на Х2О, тврди тој, стоеле на страна. Бил направен увид на секоја просторија.
Во однос на конкурсот, пак, вели дека најдобра понуда дале од „Х2О“, со тоа што за месечна закупнина предложиле 24 500 денари, додека за инвестиција во првите две години понудиле 45 000 евра. Додава дека од „Бистра“, за месечна закупнина понудиле 21 545 денари, а за инвестиција 6982 евра.
ПСК „Бистра“ не се откажува од „Даре Џамбаз“. Тие поднеле тужба до Управниот суд која се уште е во тек, како и претставка до општествениот правобанител за влегувањето во домот пред три дена.
„Се надеваме дека правото ќе завладее во РМ и почнатите процеси ќе го добиеме со што ќе се оствари нашата примарна цел обврска ( завет ) да го одбраниме бастионот на планинарите, рекреативците ,љубителите на природата и домот Даре Џамбаз“, велат од ПСК „Бистра“.
Тие изминативе месеци покренаа и петиција на која се потпишале 2.654 граѓани. Од денеска се појави и нова електронска петиција.
Во меѓувреме, од клубот „Х2О“ за Радио МОФ изјавија дека планираат да започнат со работа во сабота. Нивен приоритет, како што велат, ќе биде домот да го застанат на нозе по европски теркови.
Е.П.