Една година „Џејмс Веб“: Пет работи на кои нè научи телескопот од објавата на првата слика

Поминаа точно 12 месеци откако НАСА ја објави првата фотографија снимена со телескопот „Џејмс Веб“ што ни понуди нов начин на разбирање за формирањето на првите галаксии по „Биг бенг“.

Телескопот кој е резултат на речиси тридецениска работа со цена од 9,5 милијарди евра ни го покажа универзумот како ниеден инструмент досега, овозможувајќи ни да ѕирнеме во далечните галаксии и во процесите на раѓање и умирање на ѕвездите.

„Џејмс Веб“ беше лансиран на 25 декември 2021 година, а својата финална дестинација во точката Лагранж 2 ја достигна во јануари 2022 година. Неколку месеци подоцна ги испрати првите снимки од вселената кои беа објавени на 12 јули 2022 година. На првата слика можевме да видиме галактичко јато 4,6 милијарди години, што воедно беше прва можност да се види оваа далечна галаксија.

Телескопот на својата прва годишнина уште е во вселената, орбитирајќи на 1,5 километри оддалеченост од планетата Земја, за разлика од неговиот претходник, „Хабл“ кој орбитира околу Земјата на многу поблиско растојание. „Веб“ на човештвото му ја подари првата фотографија со висока резолуција во инфрацрвениот универзум. Во продолжение низ фотографии се потсетуваме на пет факти на кои не’ подучи „Веб“ со својата работа.

1. Како изгледал универзумот во раните фази

Оваа фотографија е од клучна важност за научниците кои веруваат дека ова ѕвезедено јато може да даде идеја за тоа како изгледал универзумот за време на таканареченото „космичко пладне“, период на формирање галаксии што следел по „космичката зора“ и продолжил да трае три милијарди години по Големата експлозија.

Според НАСА, оваа фотографија го открива постоењето на многу повеќе објекти отколку што претходно се очекувало, вклучувајќи и ѕвезди и планети во форма на облаци и полни со прашина и хидроген. Тоа значи дека телескопот можеби дал нова идеја за процесот на формирање на планетите, а не само на ѕвездите.

2. Како се формирале ѕвездите

Во текот на една година колку што „Веб“ е во вселената успеа да сними две слики од вселенските „Столбови на создавањето“ што за првпат станаа познати во 1995 година по снимките на „Хабл“. Овие три кули се со ладен меѓуѕвезден гас и прашина.

Фотографијата на „Џејмс Веб“ овозможи да се погледне подлабоко во столбовите што покажува каде се формираат новите ѕвезди во нивните густи облаци.

Надоврзувајќи се на сликите направени во периодот од 1995 до 2014 година, новите слики на „Веб“ им помогнаа на истражувачите да ги обноват досегашните модели на формирање на ѕвездите со идентификување на многу попрецизни бројки во новоформираните ѕвезди заедно со количините на гас и прашина во регионот околу нив.

3. Што има во срцето на една галаксија

Способноста на „Веб“ да фаќа подолги бранови должина на светлината им овозможува на научниците точно да ги лоцираат областите што формираат ѕвезди во галаксиите како оваа, откривајќи маса на гас и прашина во краците на галаксијата и густо јато ѕвезди што се наоѓа во нејзиното јадро.

4. Како изгледаат планетите што се надвор од нашиот Сончев систем 

НАСА исто така објави невидени набљудувања на планетите надвор од Сончевиот систем, користејќи ја моќната инфрацрвена светлина на „Веб“ за да открие нови детали кои копнените телескопи не би можеле да ги детектираат.

Првата егзопланета која ја сними „Веб“ е „ХИП 65426 б“. Таа има 10 пати поголема маса од онаа на Јупитер кој се наоѓа на оддалеченост од 385 светлосни години од Земјата во соѕвездието Кентаур.

5. Што се крие во црната дупка 

Фотографијата од галаксијата „CEERS 1019“ што ја објави НАСА постоела 570 милиони години по „Биг бенг“ и таа ја покажува најоддалаечената активна супермасивна црна дупка досега.

Супермасивните црни дупки вообичаено имаат 1 милијарда пати поголема маса од онаа на Сонцето и тие се многу поголеми од оние што се детектирани од телескопите. Црната дупка во галаксијата „CEERS 1019“ е многу послична со онаа во центарот на нашата галаксија „Млечен пат“ што има 4,6 милијарди пати поголема маса од Сонцето.

„Набљудувањето на овој далечен објект со овој телескоп многу наликува како да се гледа во податоци од црни дупки што постоеле во галаксиите во близина на нашата“, изјавила Ребека Ларсон што го предводела ова истражување.

Фото: НАСА