Телескопот „Џејмс Веб“ направи ретка фотографија од ѕвезда во умирање

Вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ направи фотографија на ретка фаза од ѕвезда која е на работ на умирање.

Оваа слика е меѓу првите кои ги направил телескопот по неговото лансирање на крајот на 2021 година, но фотографијата не беше објавена до оваа недела. Инфрацрвените леќи на „Џејмс Веб“ го набљудувале целиот гас и прашина испуштени во вселената од огромна, жешка ѕвезда оддалечена на 15.000 светлосни години. Една светлосна година е околу 9,46 трилиони километри оддалеченост.

Станува збор за ѕвезда во Соѕвездието Стрела и официјално е позната под името WR 124. Ѕвездата е околу 30 пати поголема од нашето Сонце.

Трепкаjќи во виолетова боја, како цвет од цреша, испуштениот материјал некогаш го сочинувал надворешниот слој на Ѕвездата. Научниците велат дека таква трансформација се случува само кај некои ѕвезди и вообичаено е последниот чекор пред тие да експлодираат и да се претворат во супернова.

Фото: NASA, ESA, CSA, STScI, Webb ERO Production Team

„Никогаш ја немаме видено вака претходно. Навистина е возбудливо“, вели Макарена Гарсиа Марин, научник во Европската вселенска агенција, која била дел од проектот.

Телескопот „Хабл“ направил фотографија од истата Ѕвезда пред неколку децении, но таа тогаш изгледала како огнена топка без овие деликатни детали.