Единствениот стационар за згрижување на животни во Охрид се затвора

„Почитувани поддржувачи на Анималиа, љубители на животни и пријатели, не верував дека ќе дојди време да го пишувам ова, но рачунајќи го фактот дека Анималиа веќе влезе во петтата година од нејзиното постоење, а проблемот околу кучињата не е мрдна од точка за негово решавање, напротив, веќе е полошо. Сакам да ве известам дека завршувам со какво и да било работење на терен, излегување во пресрет за спасување, јавување на телефон или одговарање на пораки“, најави Вилдана Садикоска, единствената волонтерка што остана да раководи со импровизираниот стационар кој го основаше здружението.

Садикоска во својата објава на Фејсбук пишува дека повеќе не може да го издржи притисокот на јавноста која освен што критикува, не помага во справувањето со проблемот.

„Немам веќе енергија, ми ја потрошивте.

Жал ми е, но не можам да помагам веќе, не ми остана енергија за борба, бидејќи немам веќе надеж. Досега се спасени многу кучиња од улица, вдомени, згрижени. Јас сум сега сама во стационар, кој е импровизиран и таа импроцизација веќе ме иритира, ме напнува и ми ја отежнува работата. Немам енергија да поправам веќе поправани кафези по не знам кој пат, врзани со жици од ново и од ново, да поправам веќе поправани врати кои се импровизација. Немам енергија да се расправам со моите комшии во стационарот, нема струја, тепачки има секојдневно, некои кучиња не се сакаат и нема веќе простор за нови комбинации, сите комбинации ги пробав, два-три пати месечно обавезно има нови дупки на импривизираната ограда.

Секој ден одам и се молам да не ги најдам избегани кај комшиите. Ве молам разберете ме, 50 кучиња моментално кои што се на моја одговорност, сигурно вие можите барем едно да спасите од улица, сигурно за едно можите да најдите начин да му помогните. Јас морам секој ден да сум таму, не е битно дали ми се оди, дали ми се спие, дали врни снег или дожд, јас морам да одам таму и само за тоа ми остана енергија.

Двегодиншиот труд околу проектот за стрилизации пропадна, се беше отруено, неколку само беа вдомени. Што уште јас да напрам? Општината нема никаков интерес за решавање на проблемот, новинарите секојдневно ве трујат со приказни за вонземските суштества што ќе ги сретнете на улица, луѓето трошат преголема енергија во исмејување и критикување на здруженијата место таа енергија да ја насочат на вистинското место. Ова е веќе крајот, нема други начини, а секојдневно се мислам, нема веќе начини, да имаше немаше да го пишам ова“, стои во нејзината објава.

Садикоска до август ќе се фокусира на изнаоѓање дом за кучињата од стационарот. Оние што ќе останат, вели таа, ќе биде приморана да ги пушти на улица во септември, за кога најави дека си заминува од државата.