Движењето #MeToo е личност на годината на „Тајм“

Откако создаде бран на храбри соочувања со сексуалните малтретирања и навреди направени од страна на моќни мажи и поттикнувајќи јавна свест, движењето #MeToo годинава е именувано за личност на годината според „Тајм“.

„Прекршувачи на тишината“ е поимот со кој „Тајм“ ги опиша луѓето кои се дел од движењето. Приказната се состои од жени и мажи кои решиле да прозборат на оваа тема, вклучително активистката Тарана Бурке, која прва го употреби хаштагот пред десет години.

#MeToo започна да се користи како дел од кампањата на социјалните мрежи во периодот кога се појавија повеќе обвинувања против холивудскиот продуцент Харви Вајнстејн. Откако актерката Алиша Милано го популаризираше хаштагот, илјадници жени започнаа да ги споделуваат своите приказни за последиците кои ги имаат од сексуалното вознемирување.

Во кампањата се вклучија огромен број жени и мажи од светот на филмот и медиумите. Но, во сторијата на „Тајм“ се вклучени и жени со нормално работно време, кои сакале да останат анонимни.

На насловната страница на магазинот се појавуваат берачката на јагоди Изабел Паскал, лобистката Адама Иву и поранешната инженерка во „Убер“ Сузан Фоулер, заедно со Ешли Џад и Тејлор Свифт.

„Признанието се чини дека избувна преку ноќ. Но, всушност тоа е нешто што се собираше со години, децении, векови“, напишаа новинарките на „Тајм“, Стефани Закарек, Елиана Доктерман и Халу Свитленд.