Два наградувани швајцарски филмови во една вечер во кино Фросина

Дистрибутерските куќи „Катавеј“ и „Узенгија“ организираат Вечер на швајцарски филм, во среда (30 ноември), со почеток во 20 часот во киното „Фросина“ во Скопје. Ќе бидат прикажани два филма продуцирани во 2015 година, кои имаат по неколку национални и меѓунардони награди. Влезниците за настанот се бесплатни, а обезбеден е превод на македонски јазик.

„Земјата на чудата“ (Heimatland, 99 мин), ќе се прикажува со почеток од 20 часот. Во него, десет режисери од новата генерација на филмски работници прикажуваат како различните луѓе во Швајцарија се справуваат со најлошата катастрофа што може да се замисли; да бидат зависни од други земји.

Филмот ги има добиено наградите Locarno Film Festival 2015 за најдобар филм; Bern Film Festival 2015 – најдобар филм; Zurich Film Festival 2015 – најдобар филм и Max Ophuls Preis 2016 – награда за општествено релевантен филм.

Вториот филм е  „Куче“, (Köpek, 94 мин), со почеток во 22 часот. Режиран е од Есен Исик, а снимен на турски јазик.

Еден обичен ден во големиот град Истанбул: 10-годишниот Чемо продава хартиени марамчиња на улиците, Хајат е строго контролирана од својот сопруг, а транссексуалната Ебру го продава своето тело. Заедничко за сите тројца е тоа што имаат тајна љубов и прават сѐ за да ги задоволат своите потреби, макар и за момент. Една автентична, нежна и вознемирувачка приказна за љубовта и смртта во турското општество на почетокот на 21 век.

Награден е со Специјална награда на академијата за монтажа на звук, за најдобар филм и за најдобра актерка (Берен Туна), на Swiss Film Prize 2016 во Цирих