Хрватската писателка и драматургинка Јасна Жмак, со својот авторски проект “this is my truth tell me yours” ќе гостува во Скопје, во рамките на фестивалот за феминистичка култура и акција „ПРВО ПА ЖЕНСКО“.
Жмак својот авторски проект ќе го претстави на Академската сцена на Факултетот за драмски уметности во Скопје, на 26 септември (вторник) со почеток во 20 часот.
„’this is my truth tell me yours’ е авторски проект на писателката и драматург Јасна Жмак во кој таа се занимава со својот однос со уметничкото поле на делување, преиспитувајќи ги своите и авторските позиции на другите, како и одговорностите и анксиозностите кои тие позиции ги имплицираат“, велат организаторите.
Тие дополнуваат дека Жмак, тргнувајќи од своето лично искуство од 2011 година, кога почнува да страда од тинитус и хиперакузија откако, како дел од публиката, е повикана да пука со театарски пиштол за време на перформансот “MandićMašina” во режија на Бојан Јаблановец и изведба на познатиот словенечки актер и изведувач Марко Мандиќ, Жмак во оваа ЖмакМашина, ги истражува начините на кои уметноста ја обликува стварноста во која живееме.
„Иако навидум неповрзани, темите тинитус и патријархат стануваат централен мотив на ова дело кое жанровски балансира на пресекот помеѓу стенд-ап комедија и перформанс-предавање. За прв пат појавувајќи се на сцената во улога на изведувачка, Жмак се занимава со прашањата на вистинитоста и репрезентацијата, партиципативноста и одговорноста, водејќи нѐ низ своите драматуршки и сексуални искуства и при тоа прашувајќи се себеси и публиката за важноста и смислата на уметничкото творештво во ерата на дивиот капитализам“, велат од „ПРВО ПА ЖЕНСКО“.
По перформасот следува кратка дискусија со изведувачката Јасна Жмак и забава со диџеј сет на Виолета Качакова.