Донесени законски измени за решавање на бездржавјанството во земјава

Собранието вчера во рамки на 125. пленарна седница, донесе измени и дополнувања на Законот за пријавување на живеалиштето и престојувалиштето на граѓаните и на Законот за личната карта.

„Новините предвидени со Законот за пријавување на живеалиштето и престојувалиштето на граѓаните и со Законот за личната карта се од посебно значење за граѓаните кои се засегнати со овие проблеми, а за кои Комисијата за политички систем организираше и надзорна расправа во февруари годинава, кога беа донесени заклучоци со кои Собранието ја има надзорната улога за имплементацијата на Законот за матичната евиденција. Со тоа се пројави потреба и за интервенција во одредени одредби во законите за пријавување на живеалиштето и престојувалиштето на граѓаните и за личната карта за да се заокружи процесот на решавање на проблемот со бездржавјанството“, соопштуваат од Собранието.

Така, посочуваат од таму, ќе се стави крај на бездржавјанството и ќе се решат основните човекови права на околу 700 лица, колку што беа детектирани во нашата држава.

„На овој начин, овие неевидентирани лица – т.н. фантоми сега ќе можат да ги оставрат своите основни човекови права, со што Северна Македонија ќе биде прва во Европа и во светот која го има решено статусот на бездржавјанството. Освен тоа, донесените интервенции во посочените закони се гаранција дека во земјава нема да се повтори ситуација со лица без државјанство, затоа што системски е решено секое дете родено на територијата на Република Северна Македонија да биде запишано согласно членот 4а од Законот за матична евиденција“, стои во соопштението на Собранието.

Од УНХЦР го поздравија носењето на измените и преземеното лидерство на Собранието, со цел, како шо велат, секој човек да може да каже „Јас припаѓам“.

„Овие измени се последниот нужен чекор во насока на решавање на деценискиот проблем со бездржавјанството во државата“, посочуваат од УНХЦР.