„Добри луѓе“ утре во Велешкиот театар

На малата сцена во Велешкиот театар утре (понеделник, 26 февруари) во 20 часот ќе се одигра претстaвата „Добри луѓе“ во режија на Тамара Стојаноска, а во продукција на независниот театар „Златен Елец“.

Според најавата, „Добри луѓе“ ги испитува емоционалните последици од справувањето со огромната климатска криза и тешките одлуки што секојдневно мораме да ги донесеме како поединци и како општество.

„Се поставува и прашањето дали сме добри луѓе и дали воопшто можеме да бидеме добри луѓе во ваков анксиозен и пластичен свет исполнет со глобална вознемиреност, лоши навики, тероризам, непостојани временски услови и политички немири“, стои во најавата.

Претставата е дуодрама работена според текст на Данкан Мекмилан, авторски материјали и инспирација од „The Relation Work Project“ (1976-80) на Марина Абрамовиќ и Улај.

Играат младите актери од Велес: Тијана Трајчевска и Филип Христовски, музиката е на Ива Дамјановски и Виктор Танасковски, фотографиите се на Данчо Стефков, а извршен продуцент на претставата е Бобан Алексоски.

Следната изведба на оваа претстава е на 11 март во Театар Комедија Скопје.