Детска претстава „Чувари на планетата“ утре во СЦ „Дуња“

27 март (утре) е Светскиот ден на театарот и Часот на планетата Земја, па по тој повод во Социјален Центар „Дуња“ во Скопје ќе се одржи премиерата на претставата за деца „Чувари на планетата“. Ќе има три премиери од 11, 12:30 и 13:30 часот.

„Чувари на планетата“ е претстава која го охрабрува детето да продолжи по неговиот разигран и природен детски пат, но исто така му дава шанса на возрасниот да се наврати на детето во себе.

„Претставата на соодветен јазик преку едно дете извидник, една самовила, едно јагне и едно дрво укажува на еколошките катастрофи кои го погодија светот. Со текот на годините забораваме да сме во сооднос со нашата планета. Забораваме дека сме дел од планетата Земја и дека се однесуваме како ‘непоканети’ гости. Ја губиме емпатијата, стануваме нервозни, крути и тешко е да стигнеме до добрината во себе. Театарот отсекогаш имал дидактички карактер. Подигање на еколошката свест кај детето во овие моменти е неопходна. Претставата отвара прашања кои децата ќе ги одговорат полесно од возрасните“, се вели во најавата за претставата.

Претставата е наменета за деца на 5+ годишна возраст.  „Чувари на планетата“ е по авторски текст на Театар „Златен Елец“, во продукција на „Златен Елец“ и „ПИК“ Продукција. Проектот е финансиран од Град Скопје.

Бројот на публиката е строго ограничен. Резервации на zlatenelec@gmail.com или на ФБ страната Театар „Златен Елец“ со порака.

Согласно објавените протоколи бројот на публиката ќе биде ограничен и задолжитело ќе биде почитувањето на препорачаните мерки: носење заштитни маски, мерење телесна температура, одржување на пропишаната физичка дистанца меѓу посетителите во
гледалиштето, дезинфекција, влезот на публиката ќе започне во 10:50/ 12:20/ 13:20 часот.

Препорачана цена на влезница, односно донација од 150 денари на денот на изведбата со претходно направената резервација.