„Дневникот на Ана Франк“ ќе се чита пред фудбалски натпревари во Италија поради испад на навивачите на Лацио

Италијанската фудбалска федерација одлучи пред почетокот на натпреварите да има минута молк и ќе се чита извадок од познатото литературно дело „Дневникот на Ана Франк“. Ова е одговор на антисемитските пораки кои беа испратени од навивачите на Лацио.

Тие во неделата на „Олимпико“ во Рим залепија плакати со ликот на Ана Франк во дресот на ривалот Рома.

Фановите на Лацио го злоупотребија ликот на девојчето кое во својот дневник го отсликува страдањето на Евреите од нацистите за време на Втората светска војна.

Италијанскиот претседател Серџио Матарела за ситуацијата рече дека е „вознемирувачка“, додека министерот за спорт Лука Лоти порача дека одговорните ќе бидат идентификувани и казнети, а претседателот на клубот Клаудио Лотито посети синагога во Рим и однесе свој цветен венец во знак на сеќавање на жртвите од холокаустот.

„Да се користи фотографијата на Ана Фрак како знак на навреда и закана, освен тоа што е нечовечно, вознемирувачко е за нашата земја која пред 80 години била погодена од грубоста на антисемитизмот“, рече шефот на државата.

„Нема оправдување. Постојат работи кои мора безусловно да бидат осудени“, изјави министерот за спорт Лоти.

Кажа и дека клубот од наредната година ќе носи 200 млади навивачи во посета на нацистичкиот концентрационен логор Аушвиц, во кој се убиени над милион луѓе, воглавно Евреи.

Ана Франк во текот на германската окупација на Амстердам од скришно место го пишувала дневникот. Таа била откриена и пратена во логор каде починала, а нејзиниот дневник го објавил татко и во 1947 година. Книгата е една од најзначајните во историјата на литературата и досега е преведена на преку 60 светски јазици.

„Гледам дека светот полека се претвора во дивина, го слушам звукот на дојдовниот гром, кој еден ден ќе нè уништи и нас, чувствувам како милиони страдаат. А сепак, кога ќе погледнам во небото, чувствувам дека сè ќе се промени на подобро, дека оваа суровост ќе заврши, дека мирот и спокојството повторно ќе се вратат“, гласи извадокот од „Дневникот на Ана Франк“ што ќе биде прочитан на италијанските натпревари.