Денес обвинение за „Крвавиот четврток“, 36 лица ќе се гонат за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста

Основното јавно обвинителство најави дека денеска до судот ќе го поднесе обвинението против 36 лица за насилниот упад во Собранието на Република Македонија од 27 април минатата година, информираше Јавниот обвинител Љубомир Јовевски.

Тој во интервју за емисијата 360 степени изјави дека сите обвинети ќе бидат гонети за кривичното дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“. Според Кривичниот законик, за ова дело е пропишана затворска казна од најмалку 10 години.

На прашањето дали тоа значи дека сите осомничени биле во меѓусебна комуникација, Јовески ниту потврди, ниту демантираше и изјави дека доказите ќе бидат презентирани во текот на судскиот процес.

Помеѓу 36-те обвинети во случајот се и пратеници кои учествуваа во отворањето на влезната врата на Собранието за време на упадот, организатори на протестите „За заедничка Македонија“, лица кои учествуваа во насилството во собраниската зграда, како и тогашниот директор на Бирото за јавна безбедност.

Државниот јавен обвинител Јовески за денеска најави прес-конференција со повеќе детали за обвинението.