Децата до 14 години да не конзумираат „Прајм“, препорача ИЈЗ

Од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) велат дека конзумацијата на пијалокот „Прајм“ кај децата треба да биде ограничена и контролирана од страна на родителите.

Во препораката од (ИЈЗ) се вели дека сепак, децата треба да конзумираат вода и природни сокови.

„PRIME HYDRATION DRINK“ е безалкохолен пијалок со додадени витамини, минерали и аминокиселини, кој може да се најде на пазарот во Македонија, велат од ИЈЗ, дополнувајќи дека во декларацијата на производот е наведено да се консумира 500ml дневно.

„Но, овој производ е многу популарен и широко употребуван од страна на децата. Ако децата до 14 години, консумираат 500ml дневно од овој производ, ќе се соочат со зголемен внес на витамини и минерали несоодветен за нивната возраст, само со овој пијалок. Секако дека во текот на денот ќе ги внесуваат истите витамини и преку други прехранбени продукти“, посочуваат од ИЈЗ.

Од Институтот нагласуваат дека за децата на возраст од 7 до 14 години дневниот внес на витамини и минерали е два пати повисок преку овој пијалок, а ова особено се однесува на липосолубилнните витамини, како што се витамин А и витамин Е.

„Овој производ не содржи кофеин, не содржи шеќери, значи не е енергетски пијалок, но затоа содржи засладувачи. Тоа значи дека децата ќе се соочат и со зголемен внес на вештачки засладувачи“, се вели во препораката.

Оттаму напоменуваат дека возрасните лица дека не треба да консумираат повеќе од 500мл дневно, како и дека содржината на витамините и минералите одговара на препорачаниот дневен внес на витамини и минерали за возрасен човек.