22% раст на случаите и двојно повеќе починати од Ковид-19 минатата недела, покажува извештајот на ИЈЗ

Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во периодот од 8 до 14 март регистрирани сe 5.456 нови позитивни случаи од 34 градови во Северна Македонија, што претставува зголемување од 22,2% во однос на претходната недела.

Тестирани биле вкупно 22.625 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, што е зголемување од 7,3% во однос на минатата недела.

Според извештајот на ИЈЗ најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=2.708; 49,6%), со неделна инциденца – 438,4/100.000. Највисока неделна инциденца од 809,6/100.000 е регистрирана во Демир Капија.

Процентот на позитивност во споменатиот период се движи од 19,4 до 27,4%, или во просек 23,9%, идентично како минатата недела.

Меѓу новозаразените најзастапена била возрасната група на лица на возраст над 60 (n=1.434, 26,3%). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 30-39 (n=1.064; 19,5%), 40-49 (n=977; 17,9%), 50-59 (n=916; 16,8%) и 20-29 (n=698; 12,8%). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (n=116; 2,1%) и 10-19 години (n=251; 4,6%).

По добиени 2 негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со статус „оздравени“ се стекнале 2.737 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, со намалување од 29,7% во споредба со минатата недела.

Пријавени биле 129 смртни случаи од 21 град, 2,3 пати повеќе во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 110 лицa биле над 60 години, 17 лица на возраст од 50-59 години и две лица од возрасната група 40-49 години.

Заклучно со 15.03.2021 вкупно биле вакцинирани 5.061 здравствени работници.

Деталниот извештај на Институтот за јавно здравје за состојбата со Ковид-19 за периодот од 08 до 14 март 2021 година, како и кумулативната состојба со Ковид-19 во Република Северна Македонија се објавува на веб страницата на Институтот за јавно здравје: http://iph.mk/.