„Conquering Lion“ со концерт го слави 11-тиот роденден

Тетовскиот даб-реге-кросовер бенд „Conquering lion“ во четврток (5 април) во клубот „Станица 26“ со концертен настап ќе го прослави својот 11-ти роденден.

„Conquering Lion“ своето творештво го започнува во април 2007. Во октомври 2009 година бендот го издава својот прв албум, насловен како „I“ за „PMG Recordings“ на кој што може да се слушнат 10 песни, меѓу кои и соработката со јамајканскиот артист Jah Clarity на песната „Jah Love“. Вториот албум „Know Your Wisdom” излезе во 2011, две години подоцна го издадоа „Revelation“ за „Password Productions“, по кој следеше  пролетна eвропска турнеја.

„Conquering Lion“ го издаваат својот 4-ти студиски албум „Land Of Confusion” во 2017 за издавачката куќа „Locksmith Records“ од Њу Џерси, САД. Тој беше номиниран за најдобар реге албум за 2017 на Греми наградите и за албум на годината на најголемиот реге портал во Европа „Reggaeville“.

Како едни од поважните настапи на „Conquering Lion“ може да се издвојат настапите со Manu Chao, Gentleman, Ras Zacharri, Donald Minott, Raphael, Hornsman Coyote… Исто така бендот има настапувано на поголеми фестивали како, Riding Higher во Германија, In Music Festival во Хрватска, Таксират Фестивал во Македонија, Spirit Of Burgas во Бугарија… Моментално „Conquering Lion“ работат на 5-тиот студиски албум.

Поддршка на концертот ќе бидат настапат основачите на Funky Fresh, диџеите Гоце и Чваре.

Гоце е македонскиот продуцент и диџеј, кој го започнува својот опус во раните 90-ти кога се запознава со хип-хоп културата. Во 93-та ја основаат култната рап групација С.А.ф. и го издаваат првиот рап албум на Балканот – „Сафизам“. Оттогаш е еден од најпретпознатливите диџеи во Македонија. Во 2017, диџеј Гоце го продуцираше четвртиот студиски албум на „Conquering Lion“.

Диџеј Чваре растеше слушајќи хип хоп, фанк, соул, џез и реге музика. Инспириран од стариот звук на хип-хоп, тој започнува да пушта музика во локалните барови во Скопје кога имал 17 години, и оттогаш е еден од најконстантните диџеи во Македонија.

Влезниците на концертот ќе бидат по фиксна цена од 200 денари без претпродажба. Почеток на настанот е во 23 часот.

Во прилог на концертот, слушнете го повторно првиот од серијалот концерти на Радио МОФ – „Engage kicks and gigs“ со „Conquering lion“.

[Видео] Прв веб концерт на Радио МОФ – Engage Kicks and Gigs со Conquering Lion