„Cinedays“ под слоганот „Од високо подобро се гледа“ ќе понуди над 50 филмови 

„Cinedays“ е летниот фестивал кој секогаш носи свежи европски филмови на повеќе различни локации и цела недела културните фанатици ги става „во филм“. Така и овој јули, кога по 21-ви пат ќе се одржува овој меѓународен фестивал, со прогама од повеќе од 50 филмови, меѓу кои и дела на филмски великани како Дејвид Кроненберг, Парк Чан-Вук, Хироказу Коре-Еда, браќата Дарден…

Под слоганот „Од високо подобро се гледа“, програмата е распространета на кровот на ГТЦ, потоа на кровот на Дом на градежници, Музеј на современа уметност, Авто киното на Водно, во МКЦ парк, во кино Милениум, Кинотека.

„Околностите изминативе три изданија на фестивалот нѐ принудија да го извадиме платното од неговата предвидлива позиција, да го истражиме градот и годинава ќе видиме како изгледа кино од високо, кино на кров како симболика на нашите фестивалски големи и високи амбиции, со кои правиме програма која често ги надминува човечките и финансиските капацитети. Изборот ни се крововите кои може да соберат доволно публика за филмско прикажување и каде пред и по филмот ќе се ужива во панорамата на Скопје“, истакна вчера на прес-конференција Марга Арсова, програмски уредник на „Cinedays“.

Отворањето и затворањето на 21 – от „Cinedays“, се во знак на македонските режисерски имиња.

Филмот „Мими“ на Даријан Пејовски својата светска премиера ќе ја има во четврток на отворање на фестивалот, а затворањето е со „Нема да си сама“ на Горан Столевски, кој што го сврте вниманието на светската филмска јавност по премиерата на „Санденс“. Со прикажувањето на „Cinedays“ филмот „Нема да си сама“ го почнува својот живот на Европско тло.

„Мими“

Годинешната програма на „Cinedays“ е селекција на Бернд Будер, и во неа ќе мождат да се погледнат светски и македонски филмови и копродукции што „гравитираат“ во неколку нови и веќе познати програмски целини: Официјална селекција, SEE програма, МК Shorts (кратки филмови), Ретроспектива на Фатих Акин, како и Гала програмата на фестивалот во која доминираат филмови од годинешново издание на Канскиот фестивал.

„Во рамки на фестивалот го лансираме и новиот, Фестивал на кратки жанровски филмови- ‘Крацери’ кој што се јави како потреба за прикажување на кратки жанровски филмови досега не застапени на ниту еден фестивал кај нас. Тој ќе ги опфаќа жанровите комедија, научна фантастика, трилер, хорор, еротика, ноар, вестерн, експериментален, ангажиран филм и преку него ќе се направи увид во светската кратка жанровска програма“, истакна Арсова.

Во рамки на овогодинешната програма e мастер класот на Џон Џост, еден од најплодните и најзначајните американски филмски автори. На мастеркласот ќе се дискутираат и анализираат примери од различни фази на творештвото на Џост, како и извадоци од други филмски дела со цел да се одговори на насловното прашање на мастеркласот: Што е филм и што тоа може да биде?

На Синема форумот, киноприкажувачите од Балканот ќе се дискутираат за своите актуелни предизвици, покрај размената на искуства и знаења кои произлегуваат од контекстите каде тие работат.

Овогодинешното издание има особен настан кој ја бележи костимографијата на филмските платна од 60 – тите до 2000 – тите именувана како „Лошите девојки од филмовите“. Со неа, велат од МКЦ, сакаат да дадат акцент на филмскиот живот во МКЦ кој бил многу активен и пред постоењето на „Cinedays“.

„И наместо модна ревија, одлучивме да направиме селекцијата на различни рекреациии на филмски сцени и костими опфатени преку различни формати и визуелизации. Настанот е авторство на Сандра Шевандо, под кураторство на дизајнерот Драган Христов“, велат од МКЦ.

Исто така белег на 21 – от „Cinedays“ е изложбата на плакати „Филмскиот плакат како визуелна гозба и информативна нарација“ со која се дава на увид приказната за создавањето на фестивалот преку колекцијата на плакати со која располагаме. Организаторите плакатите ги нашле во депото на МКЦ, тие се оригинали примероци филмската програма која постоела пред воопшто да биде создаден фестивалот.

Mузичката програма на фестивалот „Cinedays“ по втор пат го има Living music project, резиденцијална програма за режисери, композитори и филмски работници која ќе ја води композиторката Дарија Андовска, и во која ќе биде извадена од сенка аудитивната уметност на големите филмски дела.

Покрај тоа, МКЦ најавува концерти на италијанското дувачко трио „Fanfara station“, Истанбулскиот бенд „LALALAR“ и „CV vision“ од Берлин.

Билетите за CINEDAYS ќе бидат по цена од 200 денари, за сите филмови, освен за филмовите од POP-UP КИНО ( Дом на градежници, МСУ и Авто кино Средно Водно) кои се бесплатни.

Со секој купен билет по проекцијата на филм може да уживате во концертната програма.

Фестивалот е поддржан од Делегацијата на ЕУ, Агенција за филм на РСМ и Град Скопје.