„Циклуси“ изложба на Ана Јовановска во галерија „Пионери“

Насловена „Циклуси“, првите два викенди од јуни во галеријата „Пионери“ ќе бидат посветени на изложбата на Ана Јовановска.

Од „Пионери“ истакнуваат дека изложбата „Циклуси“ претставува долгорочен концепт-проект со серија на дела групирани по приказни чии конекции дозволуваат заедно и засебно читање.

„Сите употребени хартии се рачно правени со рециклирање на стари хартии користени за различни намени.
Овие рециклирани хартии се незаменлив дел од процесот, оформување и зацврстување на темата – циклуси. Во приказните на испечатените графики го пронаоѓаме цикличното, како прерод од една состојба на искористеност и непотребност во нов облик, нова намена, нов живот и ново будење на материјата, промовирајќи одржлива уметничка пракса и начин на живеење во иднината“, додаваат оттаму.

На изложбата која ќе биде отворена денес, со почеток во 11 часот, ќе претстави дела за кои се искористени хартии од фискални сметки, патнички билети, домашни по математика, љубовни писма, стари цртежи, брзи скици, неуспешни графики, а прикажуваат поинаква сегашност на површината која го одразува минатото помеѓу слоевите.

Галеријата „Пионери“, се наоѓа на Теодосиј Гологанов 74а, од задната страна на зградата на Хомакс.

Во својата уметничка практика Ана Јовановска истражува и реобмислува наративи, приоѓајќи им преку симболите и структурата на јазикот во кој се наоѓаат. Ана живее во Токио и работи како истражувач на University of the Arts на одделот по графика, специлизирајќи во мокуханга – Јапонски дрворез. До сега има добиено повеќе од 20 награди изложувајќи на 12 самостојни и повеќе од 200 групни изложби низ светот.