Изложба на проектот „Копнеж по светлина“ утре во ликовниот салон на МАНУ

Со почеток во 19 часот, утре (5 октомври) во ликовниот салон на Македонската академија на науки и уметности (МАНУ) ќе се отвори изложба на мултимедијалниот проект „Копнеж по светлина“.

Автори на „Копнеж по светлина“ се Боро Рудиќ – фотографија и Ферид Мухиќ – текст, а изложбата ќе ја отвори Ана Димишковска.

„Копнежот по светлина е фигуративно копнеж по нешто подобро. Тоа е нешто што сите го носиме во себе и кон кое сите тежнееме. Некогаш знаеме што е тоа, понекогаш само го чувствуваме и го бараме. Овој мултимедијален проект наречен ‘Копнеж по светлина’ зборува за таа наша потрага со синергија на три различни медиуми: аудио-визуелен запис, фотографска изложба и книга“, се посочува во најавата за настанот.

Изложбата ќе биде отворена до 19 октомври.