Британските професори најавуваат штрајк доколку се принудени да предаваат со физичко присуство

Универзитетските професори од Велика Британија нема да продолжат да држат предавања со физичко присуство оваа академска година, а секој обид на властите да ги отворат кампусите од февруари ќе биде дочекан со бојкот, соопштија од најголемиот академски синдикат во земјата.

Синдикатот на универзитетите и колеџите ги повика своите членови да штрајкуваат против продолжување на предавањата „лице-во-лице“ во следната половина година, објаснувајќи дека професорите и предавачите сметаат дека таквата настава е небезбедна.

„Сфативме дека покажување научни податоци на владата не води кон тоа тие да направат добри одлуки. Па, затоа, ја преземаме работата во наши раце и таму каде што нашите членови во универзитетите се загрижени дека работодавачите ќе ги вратат на работа предвремено, што ќе води до здравствена катастрофа, како што се случи во септември, тие ќе гласаат по тоа прашање. Ќе изгласаат штрајк и ќе одбијат да работат со физичко присуство“, вели за Гардијан Џо Грејди, генералниот секретар на Синдикатот.

Одлуките за штрајк ќе бидат преземани од индивидуалните гранки на синдикатот, бидејќи дел од универзитетите, како Кембриџ, ЛСЕ и Универзитетот во Јорк, веќе ги префрлија своите предавања онлајн за остатокот на академската година.

Сегашните владини мерки велат дека само незадолжителните предавања треба да се изведуваат на далечина до средината на февруари.