Британските легенди „Даб Пистолс“ доаѓаат на Д Фестивал

На главната бина на Д Фестивал, на 15 јули ќе настапат британските ѕвезди на даб музиката, легендарните „Даб Пистолс“ (DUB PISTOLS). Минатата година тие во голем стил се вратија на сцена со новиот албум „Return of the Pistoleros“, а нивниот препознатлив енергичен настап во живо со седум музичари на сцена, ќе го претстават како предводници на вечерта со која ќе биде отворено шестото издание на Д Фестивал во Дојран.

Овој британски состав доаѓа со материјалот од новиот студиски албум за кој критиката вели дека е најдобриот во нивната досегашна кариера. Македонската публика ќе има можност да го чуе во живо изданието кое бендот го објави неодамна и за кој главната причина за неговиот успех го лоцира во комбинацијата на старите и новите „Даб Пистолс“ влијанија, вклучувајќи го и Тим Хатон (Tim Hutton) во креирањето кој е познат како ко-автор на музиката за „Грув Армада“, Јан Браун и новиот албум на „Продиџи“.

Во својата кариера која се протега низ повеќе од 18 години, „Даб Пистолс“ имаат шест студиски албуми, а соработуваа со херои од калибарот на „Д Спешлс“, Баста Рајмс, „Меднес“ и Грегори Ајсакс. Како еден од најинтересните алтернативни британски состави познати се и по ремиксите кои ги направија за артисти како Лили Ален, Боно, Јан Браун, Моби, Натали Имбрулиа, Кристал Метод, Лимп Бизкит и Корн.

„Даб Пистолс“ низ годините забележа бројни подеми и падови, а низ тој процес групата успешно се метаморфозираше во неверојатно моќен и беспрекорен лајв-бенд кој е редовен фестивалски изведувач и постојано освојува нови фанови на Гластонбери, Бестивал, Бит-Хердер и останатите големи фестивали низ Европа.

„Ние не мораме повеќе да се обидуваме да се вклопиме во сцената и нема да бидеме ничиј хит на месецот. Имаме свои верни фанови и постојано освојуваме нова публика, од ска-татковците до новите деца на фестивалите. И сѐ тоа е резултат на добриот глас кој се пренесува, без маркетинг, туку само со нашите настапи во живо. Па, така и се почувствуваме за овој албум, Пистолерос. Одметници,“ објаснуваат „Даб Пистолс“.

Денес тие важат за еден од малкуте британски бендови на работничката класа кој ги одржува во живот реге саунд-систем музиката и тајниот ритам на Британија од ска до рокстеди, преку соул-ту-соул, грајм, дабстеп.

Д Фестивал годинава ќе се одржува од 15 до 17 јули во Дојран, а „Даб Пистолс“ ќе ја предводат програмата на првиот ден на главната бина. Организаторите од пасворд продукција најавуваат музичка програма на повеќе бини, како и бројни изненадувања.