Британски суд пресуди дека Џулијан Асанж може да биде екстрадиран во САД каде му се закануваат 175 години затвор

Британскиот суд пресуди дека основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, може да биде екстрадиран во САД, каде се соочува со 175 годишна затворска казна поради објавата на тајни дипломатски документи во 2010 година.

Асанж во моментов се наоѓа во затвор во Лондон, а со новата пресуда врховниот суд ја преиначи првичната пресуда од 4-ти јануари, со која беше забранета екстрадиција на Асанж поради ризик дека доколку заврши во затвор во САД, поради лошите затворски услови, постои ризик да изврши самоубиство.

Нилс Муижниекс, директорот за Европа на Амнести Интернешнал, рече дека ова е „травестија на правдата“. Според него овој случај претставува голема закана за слободата на медиумите и во САД и во остатокот од светот.

Генералниот секретар на Репортери без граници, Кристоф Делор, изјави дека случајот може да има „опасни последици по иднината на новинарството и медиумските слободи низ светот“.

Американското обвинителство го товари Асанж за 17 различни кривични дела шпионажа и едно дело за компјутерски криминал поради објавата на илјадници воени и дипломатски документи преку вебсајтот Викиликс. Овие обвиненија заеднички предвидуваат до 175 години затворска казна, иако владиниот правник Џејмс Луис уверува дека најдолгата казна за ова дело досега била 63 месеци затвор.

Асанж сега има можност да се жали на пресудата и да ја продолжи борбата против екстрадиција во САД.