Џулијан Асанж може да биде екстрадиран, одлучи британското МВР

Основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж може да биде екстрадиран во САД, одлучи британската министерка за внатрешни работи, Прити Пател.

Според британското МВР, Асанж има рок од 14 дена да ја обжали одлуката.

Би-Би-Си“ пренесува дека според одлуката, судовите утврдиле дека екстрадицијата нема да биде „некомпатибилна со неговите човекови права“ и дека додека е во САД „ќе биде соодветно третиран“.

Американските власти го бараат Асанж поради документи објавени во 2010 и 2011 година.

Тој е во затвор откако беше отстранет од амбасадата на Еквадор во Лондон во 2019 поради повлекување на статусот за азил и уапсен од британската полиција.

Одговарајќи на наредбата на министерката за внатрешни работи, од „Викиликс“ потврдија дека одлуката ќе биде обжалена.

Сопругата на Асанж, Стела, истакна дека Асанж не направил „ништо лошо“ и „тој не сторил никакво злосторство“.

„Тој е новинар и издавач и е казнет затоа што си ја врши работата“, додала таа.

Во мај 2019 година, американското Министерство за правда поднесе 17 обвиненија против  Асанж за кршење на Законот за шпионажа – тврдејќи дека материјалот добиен од „Викиликс“ ги загрозил животите на луѓето.

Адвокатскиот тим на Асанж тврдеше дека доверливите документи објавени од „Викиликс“, кои се однесуваат на војните во Ирак и Авганистан, ги разоткриваат погрешните постапки на САД и се во јавен интерес.

Врховниот суд во март пресуди дека случајот на Асанж не покренал правни прашања во врска со гаранциите што САД и ги дале на Британија за тоа како најверојатно ќе биде третиран.

Поранешниот владин министер Дејвид Дејвис рече дека не верува дека Асанж ќе има фер судење во САД.

„Овој договор за екстрадиција треба да се преработи за да им се дадат идентични права на британските и американските граѓани, за разлика од сега“, рече тој.

Според британското МВР рече дека според Законот за екстрадиција од 2003 година, државниот секретар „мора да потпише“ налог за екстрадиција доколку „нема основа да се забрани донесувањето на наредбата“.

„Британските судови не утврдија дека би било угнетувачко или неправедно да се екстрадира Асанж“, додале оттаму.