Британски суд одобри екстрадиција на Џулијан Асанж во САД

Британски суд официјално ја одобри екстрадицијата на основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж во САД за да се соочи со обвиненијата за шпионирање, а одлуката сега ќе биде поднесена пред британската министерката за внатрешни работи Прити Пател, јавува „Евроњуз“.

Неговите адвокати велат дека тој може да биде осуден на 175 години затворска казна, доколку биде осуден во САД, иако американските власти соопштија дека казната најверојатно ќе биде многу пократка.

Поддржувачите на Асанж денеска се собраа пред зградата на судот, барајќи негово ослободување.

Судската одлука не ги исцрпува правните можности за Асанж, кој со години се бореше да избегне да биде екстрадиран во САД, за да се соочи со обвиненијата поврзани со објавувањето на голем број доверливи документи пред повеќе од една деценија.

САД побараа екстрадиција на Асанж за да може да му се суди за 18 обвиненија. Американските обвинители велат дека Асанж и помогнал на разузнавачката аналитичарка од американската армија Челси Менинг да украде доверливи дипломатски телеграми и воени досиеја, кои потоа ги објави „Викиликс“.