САД го издаде првиот родово неутрален пасош

Американскиот стејт департмент соопшти дека е издаден првиот американски пасош со ознаката за род „Х“, дизајниран да им даде нов избор на сите небинарни, интерсексуални и родово неутрални лица, освен традиционалниот „машки“ и „женски“, објави агенцијата Ројтерс.

Државниот секретар Антони Блинкен уште во јуни објави дека ознаката „Х“ ќе биде понудена како опција на пасошите, откако уште 11 други земји, вклучувајќи ги Канада, Германија, Аргентина, Австралија, Пакистан и Индија, веќе го нудат ова во патните документи.

Портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс рече дека САД се движи кон додавање на опцијата „Х“ за оние кои аплицираат за американски пасоши или конзуларни извештаи за раѓање во странство.

„Новата можност ќе им се понуди на сите поднесување на барање за издавање пасош од почетокот на 2022. Со ова се истакнува посветеноста за промовирањето на слободите, достоинството и еднаквоста на сите луѓе“, рече Прајс.

Претходно лицата кои сакаа да впишат пол кој не одговарал на податокот впишан во матичните книги на родените мораа да достават лекарска потврда.

Бајден во предизборната кампања најави дека приоритет ќе му биде одбраната на правата на сексуалните малцинства во светот и на тоа прашање се посвети повеќе од кој било свој претходник, особено во споредба со Доналд Трамп.

Додека државен секретар на САД, во мандатот на Трамп, беше Мајк Помпео, на американските амбасади им беше строго забрането истакнување на симболите на ЛГБТ заедницата.