„Brain drain со државни пари“ – Од македонските стипендисти во странство, најмногу ќар имале странски држави

Помеѓу 10 и 25 милиони евра потрошила С. Македонија во последниве 13 години на стипендирање студенти на првите 100 универзитети на Шангајската листа. Најголем дел од овие пари се потрошени за студенти кои по студиите продолжувале да работат во странство, наместо да се вратат во земјава како што налагаат условите од конкурсот. Ниту еден корисник на овие стипендии кој се вработил во странство по студиите не ја вратил сумата за неговото школување.

Ова се дел од податоците од новата анализа на Независниот академски синдикат (НАкС) кои ја анализираа исплатливоста на овие стипендии кои беа воведени во 2010 година со одлука на Владата и кои години наназад предизвикуваат контроверзии во јавноста.

„Во последно време нема некој од политичарите кај нас да не ја истакнувал штетноста и последиците од одливот на младите од државава, таканаречениот „brain drain“, која како чума се надвисна над Македонија. За жал, ние, како ретко која земја во светот, во последните најмалку 10 години го поттикнуваме тој „brain drain“ и тоа со државни пари. За таа цел, по наша проценка, бидејќи се` уште не ги знаеме точните суми, кои ги знае само  МОН, потрошени се средства во висина од 10 до 25 милиони евра. Сето ова е правено кај нас кога не се финансираа стипендии за докторски и магистерски студии и се` уште не се финансираат домашни научни истражувачки проекти, нешто по што сме единствени во цела Европа“, рече професорот Виктор Стефов, кој е еден од авторите на анализата.

Анализата покажува дека од академската 2010/2011, па се` до академската 2021/2022 година на магистерски студии на најдобрите универзитети според Шангајската листа биле финансирани 165 стипендисти. Истражувачите потоа „детективски“ ги истражувале овие луѓе преку социјалните мрежи (Фејсбук, Инстаграм и Твитер) и професионалните мрежи (Linkedin и ResearchGate) за да утврдат каде се вработувале овие луѓе по студиите. 78 од стипендистите биле вработени во странство, а 59 од нив биле вработени во С. Македонија, а за 28 лица не можеле да најдат никаков податок. За сите овие стипендии вкупно се потрошиле околу 6 милиони евра, од кои 2,8 милиони евра завршиле за развој на туѓи држави, односно парите дадени за финансирање на студентите кои не се вратиле да работат во С. Македонија.

Фото: Анализа на НАкС за исплатливоста од стипендирањето студенти на прв, втор и трет циклус студии на еден од првите 100 универзитети од Шангајската листа

Во поглед на студиите од прв циклус истражувачите од НАкС добиле ограничени податоци, само за периодот од академската 2013/2014 до 2016/2017. Во овие четири години стипендирани биле 61 студенти, а 41 од нив останале да работат во странство. Вкупно се потрошиле 2.5 милиони евра за стипендиите, па од НАкС заклучуваат дека 1,7 милиони евра биле потрошени за економски развој на туѓи држави.

Фото: Анализа на НАкС за исплатливоста од стипендирањето студенти на прв, втор и трет циклус студии на еден од првите 100 универзитети од Шангајската листа

Доколку се соберат двете групи студенти, тоа значи дека од 8,5 милиони евра вложени во овие студенти, 4,5 милиони евра биле потрошени за школување кадар за странски држави.

Авторите на анализата прашале до Министерството за образование и наука (МОН) дали досега активирале меници кои ги потпишувале стипендистите, односно обврската тие да вратат пари затоа што по студирањето продолжиле да работат во странство, а од МОН одговориле дека досега немало такво нешто.

„Видовме колку студенти ни остануваат да работат во странство. Тие студенти не одработиле ниту еден единствен ден овде во државата. Значи дека ова е класична кражба. Не е само несоодветно работење со буџетските пари, туку е и кражба, затоа што знаете – меница според облигационите односи е многу јасна, јавна исправа врз која што треба да се вратат одредени пари кои се земени“, вели професорката Мирјана Најчевска, авторка на анализата.

Најмногу „ќар“ од стипендиите за македонските студенти на прв циклус имала Велика Британија, бидејќи таму се вработиле најголем дел од оние кои по студиите ја продолжиле кариерата во странска компанија. Од оние кои биле запишани на втор циклус на студии најголем дел се вработиле во земјите од Европската Унија. Стипендистите на прв циклус на студии најмногу се запишувале на техничко-технолошки студии, додека на втор циклус најмногу се школувале во општествените науки.

Авторите на анализите Мирјана Најчевска, Мимоза Ристова и Виктор Стефов на денешната презентација на податоците / Фото: Радио МОФ

Во анализата се заклучува дека ова стипендирање во странство не е воопшто регулирано во Законот за високо образование, а несоодветно е регулирано и во Законот за студентски стандард и никаде не е определен посебниот интерес на С. Македонија за градење конкретен кадар како основа за доделување на ваквите стипендии.

„Од студентите на прв циклус, 28 биле запишани на техничко-технолошките подрачја од кои 11 се ИТ. А, ние знаеме дека тука, во Македонија, создаваме кадри од компјутерски технологии толку многу што повеќето, 80%, заминуваат надвор од земјата. А, сепак 11 се пратени во странство, што е нејасно“, вели професорката Мимоза Ристова, која исто така е дел од авторите на истражувањето.

Дополнително се издвојува и проблемот дека во законите не се предвидени процедури кои би овозможиле поврат на парите дадени за стипендија кога студентите нема да ја исполнат обврската за враќање и вработување во земјава.

Меѓу повеќето препораки кои се упатуваат до надлежните е да се сведе на минимум дискреционото право на министерот за образование за доделувањето на овие стипендии и формулирањето критериуми, регулирање на оваа материја во Законот за високо образование како и да се размисли за кредитирање наместо стипендирање за студирање во странство, што би овозможило циркулирање на средства за оваа намена.

Авторите на анализата нагласија и дека овие стипендии за најдобрите универзитети на Шангајската листа се почнати истовремено со укинување на конкурсите за домашни научноистражувачки проекти.

Даниел Евросимоски