Актерката од Бања Лука, 80-годишната Дара Стоиљковиќ вчера со највисока оценка ја одбранила магистратурата на тема „Драмско обликување на поезијата на радио“, станувајќи со тоа најстарата студентка на Уметничката академија на Република Српска што се стекнала со звањето магистер по драматургија.
Нејзиното излагање, односно практичниот дел од работата, го слушале голем број студенти, професори и колеги, а одбраната била можност актерката да го потврди својот темелен пристап кон работата, по кој е позната.
„Ни претставува голема ест и задоволство што денеска имавме ваква одбрана на магистерска работа во нашата установа и што на овој начин станавме единствени во регионот. Дара во овие години направи една исклучително сериозна работа и на сите ни ја покажа својата одговорност кон работата, всушност кон се што таа работела или работи во животот“, изјавил деканот на Уметничката академија Лука Кецман, кој бил претседател на стручната комисија.
Кесман нагласил и дека на овој начин никој досега не се занимавал со конкретната тема, како и дека е од посебна важност пораката која актерката со ова им ја испратила на младите студенти кои дошле да ја слушаат.
„Со оглед на тоа што Дара пред 30 години во Белград запишала магистерски студии, но животните околности ја спречиле да ги заврши, сепак ја завршила започнатата работа“, вели Кецман.
Публиката вчера имала единствена можност да го слушне спојот на раскошното драмско и радио-драмско искуство на Дара Стоиљковиќ, кое таа го вметнала во својата истражувачка работа.
„Секогаш им велам на младите дека не смеат да заостанат во постојаната работа на себе, низ образованието е тоа посебно важно“, вели актерката, која е горда на успешно одбранетата магистерска работа.