Блокада на булеварот и обид за уривање на тарабите во одбрана на преостанатото зеленило во Аеродром

Неколку стотици граѓани попладнево се собраа пред тарабите кај Мајчин дом, за да го изразат својот револт од уништувањето на зеленилото за изградба на висококатница. Го блокираа булеварот „Јане Сандански“, а дел од нив се обидоа да ги урнат тарабите со што побараа отказ од градоначалникот Златко Марин, кој не го одржа ветувањето со кое ги доби изборите – да запре бетонирањето на една од општините со најзагаден воздух во земјава.

„Ако не можете да си ги одржите ветувањата – дајте си оставка. Ако мерките не ви функционираат- дајте си оставка. Ако се сменети околностите и заради тоа не можете да си ги остварите ветувањата кои ве донеле на власт- дајте си оставка. Кога ќе дојде ноември, декември ќе важи истото. Ако не можете да го намалите загадувањето – дајте си оставка. Не ве бива. Е да, не помага да ги уништите преостанатите зелени површини ако вистински и искрено се борите против загадувањето“, истакна Лазар поп Иванов, жител на Аеродром кој заедно со пријателите беше дојден на протестот.

Полцијата беше распоредена околу високите тараби за да реагира кога насобраните ќе удираат по нив и да ги штити багерите внатре во парцелата, кои синоќа на полноќ забрзано го раскопуваа зеленилото. На протестот дојдоа родители со деца, велосипедисти, пензионери загрижени за иднината на својата населба, исплашени дека бетонот полека ќе почне да ги голта и преостанатите зелени површини во старото јадро на Аеродром.

Претходн0, во текот на денот изјава даде и градоначалникот Марин. Според него „неколку коментари на Фејсбук“ не се доволни за оставка, а ова не е задоцнет јавен настап.

„Ги повикувам граѓаните да излезат на протест на кој и јас ќе им се придружам. Фактите се дека претходното раководство на Општината предводено од ВМРО-ДПМНЕ го донесе овој ДУП без најава и без дебата“, рече Марин.

Градоначалникот Марин: Не сакам зграда кај Мајчин дом, ама ќе се гради

Илјадници граѓани во минатото се спротивставуваа, но иако изгласаа и нова локална власт која предизборно ветуваше стопирање и во кампањата посвети целосен фокус токму против ДУП-от на кој е зелената парцела кај Мајчин дом, сега се повторно изневерени.

„Собирот има за цел да ја испрати силно пораката до локалната, но и до централната власт : дека мора веднаш да се престане со сите градежни активности покрај Мајчин Дом и граѓаните веднаш да бидат вклучени во носењето одлуки! Имаме право да одлучуваме за својата општина и својот град! Креирањето политики, со целосно глувост кон граѓанскиот глас – не води кон ‘граѓанско општество на кое сите ќе се гордееме’. Стопирајте веднаш!“, порачаа организаторите на протестот.

02 Коалиција за чист воздух: Ќе стивнат ли багерите!