Ќе има протест пред Мајчин дом во Аеродром – Силувањето на градот мора да престане!

Утре (9 октомври) во 17 часот жителите на Аеродром и Скопје ќе излезат на протест пред зелената парцела кај Мајчин дом, која денеска беше оградена за да почне изградба на висококатница.

Иако настанот беше најавен на социјалните мрежи, тој е избришан од неразјаснети причини, информираат од иницијативите за заштита на зеленилото и за воздух во најзагадената скопска општина. Појаснуваат дека протест ќе има, и ги повикуваат сите жители на Скопје да дојдат и да дадат своја поддршка против бетонирањето на градот.

Денеска околу пладне градежната механизација влезе на зеленилото кај Мајчин дом, во Општина Аеродром. И покрај бројните протести на жителите, но и предизборните ветувања дадени од градоначалникот Златко Марин дека парцелата нема да се чепка, на неа веќе се поставени тараби. Градежната дозвола, како што стои на таблата на оградата, е издадена во време на референдумската кампања.

Од Општина Аеродром се правдаат дека само работеле според законот, иако токму зачувувањето на оваа парцела беше едно од главните ветувања во предизборието на актуелниот градоначалник Златко Марин.

„Златко Марин веднаш да се повлече од функцијата, затоа што не успеа да го исполни ветувањето кое го даде на Аеродромци! Парцелата пред Мајчин дом денеска е оградена и започнува изградба на осумкатница!“побараа од иницијативата „Аеродром сака да дише“.

Протестот според најавите на активистите, треба да започне во 17 часот пред Мајчин дом, за еден час подоцна да се пресели пред Општина Аеродром.

„Падна“ зеленилото кај Мајчин дом во Аеродром, ќе се гради висококатница