„Падна“ зеленилото кај Мајчин дом во Аеродром, ќе се гради висококатница

Денеска околу пладне градежната механизација влезе на зеленилото кај Мајчин дом, во Општина Аеродром. И покрај бројните протести на жителите, но и предизборните ветувања дадени од градоначалникот Златко Марин дека зеленилото нема да се чепка, на парцелата сепак ќе никнува висококатница.

,Златко Марин веднаш да се повлече од функцијата, затоа што не успеа да го исполни ветувањето кое го даде на Аеродромци! Парцелата пред Мајчин дом денеска е оградена и започнува изградба на осумкатница!“ реагираат од иницијативата „Аеродром сака да дише“.

Од Општина Аеродром, во одговор за Дејан Митевски од ВМРО-ДПМНЕ кој изјави дека градоначалникот Марин за време на кампањата за референдумот го издал одобрението за градба на објектот, тврдат дека им биле врзани рацете.

„Општината активно соработува со Уставниот суд, каде што се доставени сите потребни документи во однос на ДУП И 10, за кој се поднесени повеќе претставки. Уставниот суд до денес нема донесено никаква одлука за овој предмет, ниту го има ставено во мирување ниту го има поништено ДУП И 10“, соопштија вчера од Општината.

„Во меѓувреме во Општина Аеродром е пристигнато барање за дозвола за градба на плацот пред ‘Мајчин дом’, што Општината е законски обврзана да го процесира во согласност со позитивните законски регулативи и параметрите на сè уште активниот ДУП И 10“, стои во соопштението од општината.

Фото: ФБ

На зеленилото кај Мајчин дом сега ќе никнува деветокатница, а парцелата е во приватна сопственост. Како што алармираа жотелите на овој дел, кои во неколку наврати излегуваа на протести, ова ќе биде нова еколошка катастрофа во населбата со најзагаден воздух во Скопје. За Марин, пак, стопирањето на изградбата на овој објект беше еден од главните адути во кампањата.

За да биде бељата поголема, на локацијата зад спорната зграда се наоѓа објектот на Мајчин дом, за кој од Владата најавија дека ќе се проширува и извишува, за да биде пренаменет во градска болница. Ова ќе значи дополнително навлегување во зеленилото на овој дел од Аеродром и нова сеча на дрвја.

*Потсетување што се случуваше пред неколку месеци*

Аеродромци со „аfterwork забава и фудбал“ против уништување на зеленилото пред Мајчин дом