02 Коалиција за чист воздух: Ќе стивнат ли багерите!

Кога ќе стивнат ли багерите, прашува 02 Коалицијата за чист воздух, во пресрет на најавениот протест кај Мајчин дом во скопската Општина Аеродром, каде и покрај ветувањата на надлежните, ќе се гради огромна зграда на постојното зеленило.

„До кога алчно ќе ни го одземате секое преостанато парче зеленило во име на профитот „согласно законите“?
До кога ќе молиме да ги слушнете нашите барања за чист воздух и стопирање на сите причинители за истото. Масовната не-планска урбанизација без соодветни податоци од попис на население за нејзината потреба е една од главните причинители за влошување на состојбата со загадување со допринесување на дополнително загадување, стопирање на струење на воздух, дополнително оптоварување на тековната инфраструктура, дополнителен сообраќај, смет.. Оправдување нема. Профитот е ставен пред нашето здравје „согласно законите“. Затоа:

Бараме под итно Општина Аеродром да донесе Одлука за стопирање на изведување на сите Урбанистички планови на својата територија до нивно целосно ревидирање врз основа на повеќе нерегуларности кои ги посочуваат жителите на општината, како и самите советници и градоначалник додека беа во опозиција и кои доколку има воља лесно можа да се најдат. Општината како единица на локална самоуправа има законски можности за носење на одлуки – поглавје X Донесување на одлуки од Деловникот на општина Аеродром

Бараме под итно Општина Карпош да одлучи по Барањето од О2 Коалиција и др. граѓански иницијативи за донесување одлука за запирање на спроведување на 29 урбанистички планови поднесено на 4. Јуни . Барањето заклучно со денешниот ден не е поставен на дневен ред, иако беше побарано и од двајца советници во Советот. Објаснување е дека се чека одговор од неколку министерства, и еве по 4 месеци немаме ниту одговор нити информација дали одговорот пристигнал и каков е.

Бараме од пратеници во Собранието на Р. Македонија Поднесување предлог за итна промена на Законот за Локална самоуправа со враќање на членот 47 од претходниот Закон за локална самоуправа кој прекина со важност во 1995 и гласи:

Член 47
За својата работа градоначалникот одговара пред граѓаните на единицата на локалната самоуправа. На предлог од најмалку 175 од вкупниот број избирачи може да се покрене прашањето за доверба на градоначалникот. Одлуката за недоверба е донесена ако за неа гласале 51% од вкупниот број гласачи во единицата на локалната самоуправа.

Не сакаме одговори дека се е согласно законите и проблемот не може веднаш да се реши. Вие не само што не го решавате туку го зголемувате. А кога сме кај законите ако вие не сте во можност да ги смените, ќе ги смениме ние, но ќе ве смениме и Вас. Можеби подолго ќе трае но единствено верба во сопствените сили ништо друго не ни останува, Вербата во Вас – драги наши „очуви“ и вашите ветување веќе ништо не вредат, ги изигравте без тронка чест и совест.“

Ќе има протест пред Мајчин дом во Аеродром – Силувањето на градот мора да престане!