Градоначалникот Марин: Не сакам зграда кај Мајчин дом, ама ќе се гради

Додека багерите кај Мајчин дом непречено копаат врз зелен појас за изградба на деветкатница, а револтирани граѓани повикуваа на оставка на Златко Марин и најавија протест од 17 часот, градоначалникот на Аеродром излезе на прес-конференција. Според Марин „неколку коментари на Фејсбук“ не се доволни за оставка, а ова не е задоцнет јавен настап.

„Дека требаше да направиме прес-конференција, направивме лани, пред да се донесе ДУП-от, за време на носењето на ДУП-от, и кажавме дека ќе дојдеме до овој момент еднаш. Не знаевме тогаш кој ќе биде победник на изборите. Работата е дека досега требаше да се изјасни Уставниот суд“, вели тој.

Уставниот суд сѐ уште не донел решение за ДУП-от, до кој уште лани поднеле претставки и доставиле потребната документација. Мојот став, вели тој, е дека зградата кај Мајчин дом не треба да ја има.

Златко Марин

„Ги повикувам граѓаните да излезат на протест на кој и јас ќе им се придружам. Фактите се дека претходното раководство на Општината предводено од ВМРО-ДПМНЕ го донесе овој ДУП без најава и без дебата. Јас лично ги поддржав жителите од Аеродром за овој ДУП“, рече Марин, најавувајќи дека ќе се формира Совет за урбанизам на општина Аеродром во кој ќе учествуваат претставници од здруженија и заедници.

На прашањето на Радио МОФ зошто како кандидат за градоначалник ветуваше решенија, ревизија на ДУП-ови, ако сега не може да реализира такво нешто, Марин тврди дека ги употребиле сите применливи решенија.

„Меѓутоа, ако алудирате на тоа дека требаше да има размена на земјиште со друга локација (со сопствениците н.з.), тоа беше многу поедноставно кога не беше станато градежна парцела. Сега сопственикот бара огромна сума на пари. Доколку би го направил, тоа ќе ја изблокира општината во наредните четири години“, рече Марин, потенцирајќи дека парцелата е купена за 2,7 милиони евра, а за да се откаже од градбата инвеститорот, во неврзани разговори, барал над 8 милиони.

Изглед на зградата што треба да никне кај Мајчин дом

Тој вели дека ги поддржувал жителите на Аеродром во борбата против пренамена на земјиштето од зона Д1 во зона А2 (станбено домување).

Околу потенцијален мораториум на ДУП-овите, смета дека тоа е механизам што го употребува само општина Центар, а не постои никаде во Законот. „Не е законска, туку е политичка одлука“, вели тој.

Дополни дека со Правилник од 2015 година, донесен од тогашниот министер Мисајловски, ниту една парцела не може да се избрише, или да се намали нејзината големина. Сега, не гледа решение како би се спречила зградата кај Мајчин дом. Градежната дозвола издадена од општината е од месец септември, а од вчера добила правосилност. Објектот е на девет ката. На приземјето е предвиден деловен простор, а останатите катови станови за домување станбено.

Градежна табла кај парцелата во Аеродром

Инаку, според истражувањето на „Проверено“, неодамна е сменет сопственикот на парцелата кај Мајчин дом. Фирмата „Масив констракшн“, поврзана со бизнисменот Орце Камчев, го изгубила земјиштето поради неподмирување на обврските за хипотекарен кредит од „Комерцијална банка“. Нов сопственик е градежната фирма „ЗСФ-ком“ од Скопје, која за три милиони евра на лицитација купила две парцели, со вкупна површина од 5.000 метри квадратни.

„ЗСФ-ком“ ја поседува бизнисменот Фатмир Етеми. Тој еден мандат од 1998 до 2002 година беше пратеник во Собранието од редовите на ПДПА-НДП.

Истражувачите од „Проверено“ објавија дека овие две парцели со децении беа државна сопственост, а во 2007 и се продадени на „Европа комерц“ од Кочани, сопственик на бизнисменот Васе Манасиев. Фирмата е формирана уште од 1990. Имале земја, но на неа никогаш не била предвидена висококатница, се’ до 2013, кога фирмата бара пренамена во градежно земјиште, а предлогот е експресно прифатен од Советот на Аеродром, на чело со тогашниот градоначалник Виктор Камиловски.

Локацијата е атрактивна, но сопственикот на „Европа комерц“ не е во градежниот бизнис. Па, така, „Европа комерц“ во 2014 година заедно со Друштвото за хотелиерство и туризам „Архи“, ја формираат „Масив констракшн“.

Извор: Проверено

Граѓаните на Аеродром заедно до поддржувачи од 17 часот излегуваат на протест кај Мајчин дом. Иницијативата потенцира дека се работи за спонтан граѓански собир, испровоциран од поставувањето на градежната механизација и претварањето на тревникот во градилиште.

„Собирот е чист граѓански активизам, надпартиски, нема водач, нема единствен организатор. Собирот има за цел да ја испрати силно пораката до локалната, но и до централната власт : дека мора веднаш да се престане со сите градежни активности покрај Мајчин Дом и граѓаните веднаш да бидат вклучени во носењето одлуки! Имаме право да одлучуваме за својата општина и својот град! Креирањето политики, со целосно глувост кон граѓанскиот глас – не води кон ‘граѓанско општество на кое сите ќе се гордееме’. Стопирајте веднаш!“, стои во најавата за протестот.

Околу „градилиштето“, пишува дека аеродромци се соочуваат повторно со недозволивиот ДУП кај Мајчин Дом, изгласан насилно минатата година.

Илјадници граѓани во минатото се спротивставуваа, но иако изгласаа и нова локална власт која предизборно ветуваше стопирање и во кампањата посвети целосен фокус токму анти овој ДУП – сега се повторно измајтапени. Граѓанскиот глас пред се’! Креирањето политики, со целосно глувост кон граѓанскиот глас – не води кон ‘граѓанско општество на кое сите ќе се гордееме’“, се вели со повикот за протестот.

Бојан Шашевски