Битолската задруга „Артикултура“ собира финансиска помош за да опстои

Задругата „Алтикултура“ која за кратко време од своето постоење стана доста популарно и посетувано место поради својот уникатен пристап со публиката, има потреба од финансиска помош. Настаната како иницијатива од група ентузијасти кои имаа за цел да го обноват културниот живот во Битола, ја одржуваа воглавно преку донации од посетителите.

Во изминативе седум месеци, овде се одржуваа бројни свирки, изложби, промоции на книги, проекции на филмови, дискусии кои произлегоа од независни уметници и активисти.

Како што велат нејзините иницијатори, „Артикултура“ е настаната како место отворено за сите, а кое не очекува ништо за возврат. Сепак, неизвесно е дали просторот ќе опстане поради финансиски проблеми.

„За да се извадиме некако ќе треба неверојатен напор, ама ние веруваме дека заеднички можеме да ја пребродиме кризава, па затоа сакаме да замолиме, кој сака, да помогне“, стои во апелот.

Тоа може да се направи на некој од следниве начини:

* Да стане член/ка (годишна чланарина е 60 евра)
* Да донира средства (јавно или анонимно) во „Артикултура“, или на сметка 210071188300171, НЛБ Тутунска Банка, со назнака „Донација“.

Оттаму нагласуваат дека дури и во случај да не успеат да ги соберат средствата, не планираат да се откажат од идејата да создадат алтернативно културно место за младите.

„’Артикултура’ е поќе од просторот на ул. Браќа Мингови бр. 7 и нема да умре ако се клај клуч на просторот во пазарот“, велат од задругата.