Битолчани ќе го блокираат патот кон РЕК – Битола, бараат итно решавање на проблемот со загадувањето

Поради алармантното загадување на воздухот, граѓаните на Битола повикуваат на блокада на патниот правец за РЕК – Битола и поставување на ултиматум со итни мерки за решавање на проблемот.

Како што посочуваат од битолската организација „За нас се работи“, двете најважни барања на граѓаните се субвенционирање на електрична енергија до спроведување на гасификација и спроведување на режим на сообраќај во централното градско подрачје.

Тие најавуваат дека ќе го блокираат патот на 1, 2 и 3 декември во периодот од 15 до 17 часот.

„Доколку не се исполнат нашите барања, следува целосна блокада на патот кон РЕК – Битола“, стои во повикот.

Главниот извор на загадување во Битола е електро-енергетската постројка РЕК Битола, а според повеќе истражувања, тој е меѓу најголемите загадувачи и во Европа.

Поради штетните материи кои доаѓаат од овие термоелктрани, годишно  на  континентот умираат над 7000 луѓе, а како последица на аерозагадувањето, балканските термоелеткрани во текот на една година ја чинат Европа 8,5 милјарди евра, покажува најновиот извештај на европското здружение за здравје и животна средина  “HEAL”, со седиште во Брисел.