„Битола Шекспир фестивал“ примен во Европската асоцијација на фестивали за Шекспир

Македонскиот реномиран театарски фестивал „Битола Шекспир фестивал“ стана рамноправна членка на Европската асоцијација на Шекспир фестивали.

Оваа одлука беше изгласана во рамките на 10-от Интернационален Шекспир фестивал во Крајова, Романија, кога се одржа и годишното собрание на престижната европска Асоцијација на манифестации кои го негуваат творештвото на големиот драмски писател.

Претставник од Македонија беше уметничкиот директор на „Битола Шекспир фестивал“, Благој Мицевски, кој пред своите европски колеги ги презентираше досегашните изданија на Фестивалот и ја најави програмата за четвртото издание кое годинава, со поддршка од Министерството за култура, ќе се одржи во последната недела од јуни во Битола.

Членовите на Асоцијацијата ја истакнаа обемната и разновидна програма на „Битола Шескпир фестивал“, регионалната соработка што ја поттикнува фестивалот, како и интересот за големи компании од Европа и од светот за учество на овој театарски фестивал.

Вклучувањето на „Битола Шекспир фестивал“ во оваа Европска асоцијација е од особено значење бидејќи ќе отвори многу нови можности за иден развој на Фестивалот и за поинтензивна соработка со другите фестивали од Полска, Германија, Романија, Франција, Унгарија, Англија, Србија и од други земји, вели Уметничкиот директор на битолскиот Театар, Благој Мицевски.