Бесплатен автобуски превоз за големиот аеромитинг по повод 100 години Македонска авијација

Аероклубот Скопје соопшти дека е обезбеден бесплатен превоз за заинтересираните граѓани за големиот аеромитинг кој ќе се одржи во сабота (16 септември) на спортскиот аеродром Стенковец, кај Скопје, во рамки на одбележувањето на јубилејот – 100 години Македонска авијација.

Оттаму посочија дека граѓаните може да ги користат бесплатните автобуски линии кои тргнуваат во сабота во 8:30 часот од пет локации во Скопје – Автокоманда (кај ЈСП), Транспортен центар, Ѓорче Петров (кај пазарот на вториот кружен тек), Бутел (кај Еделпром) и Спортската сала Борис Трајковски.

„Автобусите ќе возат во двата правци. Од 08.30 часот до 14.00 часот кон аеродромот Стенковец, а од 14.30 часот до 19.00 часот кон петте локации во Скопје. На посетителите од Скопје им се препорачува, наместо со автомобил, на Стенковец да дојдат со бесплатните автобуси бидејќи паркинг местата се со ограничен капацитет“, велат од Аероклубот.

Влезот на аеромитингот е исто така бесплатен, а аеродромските врати за посетители е најавено дека ќе бидат отворени во 9 часот наутро. Официјалната програма почнува во 11 часот.

„Посетителите ќе уживаат во акробатско летање со авиони, прелети во група и низок прелет на патнички авион. Падобранците ќе го развеат најголемото државно знаме од воздух, а едриличарите ќе презентираат неверојатни акробации. Специјални гости ќе бидат авиони од воздушните сили на Србија, Италија и Грција“, посочија од Аероклубот.

На аеромитингот ќе биде изложен и единствениот Македонски воздухоплов дизајниран и произведен од членови на Аероклубот – „Илинденка“, кој претставува „светиот грал“ на македонското воздухопловство, посочуваат организаторите.

Акробации и прелети со авиони на 16 септември за одбележување 100 години Македонска авијација