Бендовите од општина Кисела Вода летово во „Битка на бендови“

„Битка на бендови” ќе се одржи летово во општина Кисела Вода. Во рамките на активностите поврзани со одбележувањето на роденденот на општината, како и реализаијата на Културното лето 2023, Општина Кисела Вода распиша јавен повик за пријавување на музички групи и бендови од овој дел на градот, кои би имале свои изведби на отворено и би учествувале во изборот за најдобар музички бенд.

„Од музичките бендови се очекува да понудат атрактивна содржина и да ја надополнат и збогатат атмосферата на манифестацијата. Клучните критериуми кои ќе бидат земени во предвид при изборот се нивото на техничката изведба и визуелната презентација. Изборот ќе го врши комисија формирана од Градоначалникот на Општина Кисела Вода“, велат од општината.

Наградата за најдобриот бенд ќе биде организација на посебен концерт во рамки на програмските активности на општината.

Повикот е достапен на веб-страната на Општина Кисела Вода.

Пријавите треба да се доставуваат во архивата на општината во хартиена форма најдоцна до среда (7.6.2023 г.) до 16 часот со назнака – „За избор на најдобри музички бендови”.

За повеќе информации во однос на огласот и за деталите околу начинот на пријавување може да се најдат кај раководителот на Одделението за култура Даниела Костадинова, мејл: daniela.kostadinova@kiselavoda.gov.mk, телефон: 075/380-928.