Белоруската опозициска лидерка Тихановскаја осудена на 15 години затвор

Судот во Минск ја осуди опозициската лидерка во егзил Светлана Тихановскаја и уште четворица водечки опозициски фигури на долги затворски казни под обвиненија кои се сметаат за политички мотивирани. Опозиционерите беа осудени во отсуство, јавува Радио Слободна Европа.

Градскиот суд во Минск ја осуди Тихановскаја на 15 години затвор, а водечкиот опозиционер Павел Латушка на 18 години затвор. Тројца други опозиционери – Марија Мароз, Волха Кавалкова и Сергеј Дилевски беа осудени на 12-годишна затворска казна.

Судијата Пјатро Арлу ги прогласи за виновни сите петмина опозициски политичари за заговор за соборување на владата, создавање и водење екстремистичка група, поттикнување омраза и нанесување штета на националната безбедност.

Сите петмина ја напуштија Белорусија во пресрет на смртоносното задушување на масовните протести против официјалните резултати од претседателските избори во август 2020 година, на кои белорускиот авторитарен владетел Александар Лукашенко тврди дека победил. Белоруската опозиција и западните влади велат дека изборите биле наместени и дека вистинскиот победник на анкетите била Тихановскаја.

Тихановскаја го нарече судењето „фарса“ и „одмазда“ од Лукашенко, велејќи дека не добила пристап до судските документи.

„Вака режимот ја ‘награди’ мојата работа за демократски промени во Белорусија“, напиша таа на Твитер по објавувањето на пресудата.

„Но, денес не размислувам за сопствената казна. Мислам на илјадниците невини, притворени и осудени на вистински затворски казни“, напиша Тихановскаја.

Казните беа изречени неколку дена откако белорускиот суд му ја продолжи затворската казна на сопругот на Тихановскаја – Сергеј на 18 месеци, под обвинение за „огромно кршење на внатрешните прописи на казнено-поправниот дом“.

Тихановски веќе одлежува затворска казна од 18 години, по низата обвиненија поврзани со изборите во 2020 година. Популарниот видео блогер ја објави својата претседателска кандидатура предизвикувајќи го Лукашенко и беше дисквалификуван и уапсен пред гласањето. Неговата сопруга потоа организираше сопствена кампања.

Илјадници луѓе беа приведени на протестите против изборните резултати, а постоеја и веродостојни извештаи за тортура и малтретирање затвореници од безбедносните сили. Неколку луѓе загинаа за време на задушувањето на протестите.