Белгиски земјоделец ненамерно ја прекрои границата со Франција

Белгиски земјоделец го привлече вниманието на јавноста откако ненамерно ја прекрои границата меѓу Белгија и Франција. Промената ја забележал еден ентузијаст по историја, кога откри дека меѓите кои ги означуваат границите на двете земји се поместени за 2.29 метри, пренесува „Н1“.

Земјоделецот ги преместил камењата на територијата на Франција, очигледно затоа што стоеле на патот каде што поминувал со неговиот трактор.

Властите му наредија да ја врати границата на првобитната локација, а доколку не го стори тоа, белгиското Министерство за надворешни работи ќе мора да ја свика француско-белгиската гранична комисија, која не е состаната од 1930 година.

„Меѓународниот инцидент“ предизвика смеа од обете страни на границата.

„Среќен сум што мојот град е поголем, но градоначалничка на Бузињи-сир-Рок мисли поинаку“, изјави Давид Лаво, градоначалник на Еркелин.

„Мислам дека ќе можеме да избегнеме нова погранична војна“, рече Орели Велонек, градоначалничка на Бузињи.

Границата меѓу Франција и Белгија која е долга околу 620 километри, беше утврдена со договор потпишан во 1820 година, пет години по поразот на Наполеон кај Ватерло. Тогаш со камења беше означена меѓата која таму стои до денеска.