Белгија одобри четиридневна работна недела – вработените добија право да ги игнорираат шефовите после работа

Работниците во Белгија наскоро ќе можат да изберат четиридневна работна недела, по серијата реформи на пазарот на трудот, јавува „Евроњуз“.

Реформскиот пакет договорен од повеќепартиската коалициска влада во земјата, исто така, ќе им даде на работниците право да ги исклучуваат работните уреди и да ги игнорираат пораките поврзани со работа, без да се плашат од одмазда.

„Доживеавме две тешки години. Со овој договор, поставивме ‘светилник’ за економија која е поиновативна, одржлива и дигитална. Целта е да можеме да ги направиме луѓето и бизнисите посилни“, рече белгискиот премиер Александар де Кро на прес-конференцијата на која беше објавен реформскиот пакет.

Фриленсерите исто така ќе добијат посилна правна заштита според новите правила, додека вработените со полно работно време ќе можат да работат по флексибилен распоред на нивно барање.

Воведувањето на реформите во законот, сепак, може да потрае со месеци, бидејќи нацрт-законот мора да помине на повеќе читања од сојузните законодавци пред да биде донесен.

Значителен дел од новите трудови реформи во Белгија влијаат на рамнотежата помеѓу работата и животот на вработените и во јавниот и во приватниот сектор.

Нацрт-реформскиот пакет договорен од федералната влада на земјата ќе им даде на вработените можност да побараат четиридневна работна недела.

„Ова треба да се направи на барање на работникот, при што работодавачот ќе даде цврсти причини за било какво одбивање“, рече белгискиот министер за труд Пјер-Ив Дермањ на прес-конференција.

Владиниот портпарол за „Евроњуз“ потврди дека вработените ќе можат да бараат да работат четири дена во неделата во период од шест месеци. После тоа, тие можат да изберат да го продолжат аранжманот или да се вратат на петдневна работна недела без негативни последици.

„Периодот од шест месеци е избран за некој вработен да не остане предолго заглавен во случај на погрешен избор“, велат тие.